Семејството на загинатиот пешак Слободан Ангеловски одбележа три години од неговата смрт, но од правдата ниту трага ниту глас.

Тој беше прегазен на мостот „Гоце Делчев“ кај МНТна 26-ти јануари 2022-ра година, а на денешното рочиште цел случај почнува од почеток.

КУРИР стапи во контакт со синот на Слободан, Стојан, кој по смртта на неговиот татко заглави во судските лавиринти. Со секое враќање, тој одново ја доживува големата загуба, а обвинетата Гордана Филиповиќ која управуваше со возилото „БМВ Х5“, е на слобода.

-Заради вештачењето на одбраната кое што е тенденциозно и не соодвестува со самата фактичка состојба, добија шанса за повторно судење, каде што мора да се нареди супервештачење. Јас секое одење на суд повторно ќе ја преживувам загубата на мојот татко. Од следниот протест за смртта на младата Фросина излегувам на улица со поддршка за заедно да бараме правда. Правда која јас ја чекам три години, рече Стојан Ангеловски за КУРИР.

Нивниот случај се темели на четири прекршоци кои ги направила обвинетата.

-Брзо возење, незастанување на пешачки премин, иако две возила веќе стоеле и го пропуштиле татко ми. Таа дополнително, гледала во мобилниот телефон, а имала и забрана за управување со моторно возило. По судови одиме три години, а денес почнавме од почеток. Слободно можете да ставите еден минус пред тие 2% доверба во судството, рече синот на загинатиот во изјава за КУРИР.

Извор: Курир