Најмалку пет лица загинаа, а двајца се водат како исчезнати при напад во црква во северниот дел на Буркина Фасо.
Нападот е извршен во градот Силгаџи, на 60 километри од Џибо, главниот град на провинцијата Сум. Вооружени мажи нападнале протестантска црква, при што убиле четворица верници и главниот пастор. Најмалку две лица се водат како исчезнати по нападот, соопшти извор од безбедносните служби.
Буркина Фасо е сиромашна африканска земја, во која зачестија џихадистичките напади, но ова е прв напад врз црква од 2015 година досега. За нападите најчесто се сметаат одговорни џихадистичките групи Ансарул Ислам, Групата за поддршка на исламот и муслиманите и Исламска држава во големата Сахара.