Италијанските власти заплениле рекордни 5,3 тони кокаин кој бил префрлен од еден на друг брод во близина на јужниот брег на Сицилија, соопшти денеска локалната полиција.

Проценетата вредност на робата е 850 милиони евра, а пет лица се уапсени, се додава во полициското соопштение.

Станува збор за пет членови на екипажот на рибарскиот брод „Фердинандо д’Арагона“, кој бил запрен од финансиската гарда.

Меѓу нив има двајца Тунижани и еден Италијанец, Албанец и Французин.

Бродот пловел од Јужна Америка, а завчера надзорен авион забележал пакети како се фрлаат од неговата палуба во водите на сицилијанскиот теснец за да ги земе друг брод.