Народниот правобранител, во врска со ситуацијата во која се најдоа жителите на општина Арачиново (кои веќе неколку дена немаат електрична енергија) поради, како што соопштуваат од ЕВН Македонија, дефект на трафостаниците, упатува апел до компанијата и до надлежните институции, пред сѐ до МВР, веднаш да ги преземат сите мерки и да обезбедат предуслови за санирање на дефектот, со што би се нормализирала ситуацијата со снабдувањето со струја во општината.

Како што информира Народниот правобранител, во неговата канцеларија е доставена претставка од група граѓани, жители на општина Арачиново, кои наведуваат дека иако редовно си ги плаќаат сметките за потрошена електрична енергија, во ситуацијава, во услови на економска криза трпат големи материјални штети (им се расипува храната складирана во фрижидерите), но и дека не се во состојба да одржуваат лична хигиена, а кои се жалат дека во овој случај со одолжување на санирањето на дефектот се дискриминирани.

– Народниот правобанител во оваа прилика ги повикува на заедничка соработка и локалните власти, како и жителите на Општината, со цел што побрзо нормализирање на состојбата, стои во соопштението.

На чело на институцијата Народен прабобранител е Насер Зибери, кого лидерот на ДУИ Али Ахмети, на претходните избори го промовираше како прв Албанец премиер на Македонија.

Како што вчера објавивме, незаконското трошење на струјата во Арачиново доведе до дефект поради кој вчера околу 80 отсто од жителите останале без струја.

Според ЕВН Хоме во понеделник наутро во општината дошло до голем дефект како последица на големото преоптоварување на трафостаниците поради континуираното незаконско користење на струјата од страна на жителите.

– Во Арачиново нашите екипи често се соочуваат со вербални и физички напади од страна на жителите, што го оневозможува извршувањето на работата во целина. За да се работи мора да се создадат услови за нормално функционирање и работа, како за дефекти, така и за реконструкција и модернизација на мрежата. Се додека нема нормални услови за работа и има пречка во извршувањето на работата, нема да има можност за реставрирање, велат од ЕВН за ТВ21.