Македонски народни пословици

Врти куќа без леп. (Охрид) – Сиромав домаќин кој не може ниту леб доволно да донесе дома.
Врти, сучи пак на старото бунишче (дојди). (Прилеп) – Оној што не го сака готовото, а не способен да спечали подобро, тој што и да прави, каде и да оди, најпосле ќе биде принуден да се врати на старото и готовото против кое и негодувал.

Вјај ме желко оту орелот ми е над глава. – Така и рекол зајакот на желката скриен во една капина за да се спаси од еден орел што го бркал, а желката го јавнала. – Принуден сум да ги трпам твоите досадувања, иако знам дека си послаб од мене, бидејќи се плашам од поголемо зло од страна на некој друг посилен од мене. Соодветно на: „Ела зло, без тебе позло“.

Вјахни, бодни. (Охрид, Прилеп) – Желба започнатата работа брзо да биди завршена.
Гарван, гарвану очи не вади. (Охрид, Прилеп).
Гладен сиромав со челадта си се најадува. (Прилеп) – Оној што е сиромав со имот, а е богат со деца, тој е поблагодарен и позадоволен од некој што нема деца, а има големо богатство.
Гладна мечка (или кокошка) просо сонит. (Пхрид) – Кој сака нешто тој се си мисли на него и се надева дека ќе го добие.

Гладна мечка оро не играт. (Охрид) – Гладен човек не може да работи.
Гладниот хрт и кочани јајт. (Охрид) – Гладта е највкусна храна. Гладниот не избира што да јаде, јаде што ќе најде.
Гледат нис прсти. (Прилеп) – Се прави дека не гледа.
Говорим ти (или поправо нагорам ти) шчерко, дошикај се снао. (Охрид) – Кога некому зборуват во алегорија ние треба да бидеме внимателни да не зборуваат за нас и за нашите недостатоци, или да не ни заповедаат нешто поголемите од нас па да се сетиме.

Го гледат како раска в око. (Охрид)- Го мрази како што ја мрази човекот болката во своето око.
Го к’снала чужда вошка. (Охрид) – Дрпнал нешто од туѓ имот по наследство или по некоја друга работа и потоа се збогатил.
Големата риба помалата ја изедвит (или ја јадит). (Охрид) – Посилниот секогаш го победува послабиот и му заповеда.

Голем к’шај (зал’к) к’сни, (а) голем реч не речи. (Охрид) Не зборувај што годе, подобро би било да лапнеш поголем залак и да се задавиш од него, та да молчиш, отколку да зборуваш штогоде зборови кои можат да бидат навредливи за некого и штетни за самиот тебе.
Голем та несолен. (Прилеп) – Возрасен но неразумен човек.
Голи боси како оси. (Охрид) – Така велат за разбојниците голтраци, кои кога ќе налетаат некаде се однесуваат како осите кои напаѓаат и повредуваат секого кого ќе го сретнат.
Голи нозе под синија, цело прасе нат синија. (Прилеп) – Лакомиот за јадење макар и толку да е сиромав што да нема опинци или чорапи на нозете, повеќе сака да е гол и бос, а да си го наполни стомакот со обилно и вкусно јадење.

Гол дал (а) сфети Илија зел. (Гевгелија) – Сиромавит дал милостиња на манастирот, кој е должен да прави милостиња кон сиромасите како него, а богатиот калуѓер ја злоупотребил таа милостиња.
Голо здравје готоа срдешница. (Охрид) – Или: Голо здравје готоа болест. (Прилеп) – Сиромавиот и голиот макар и да е здрав поради постојаната сиромаштија се смета за болен.

Голото куче зиме под подница се крие, а волнестото лете во тињата леже. (Тиквеш).
Го направи котел без рачка.(Прилеп) – Го изобличи, го засрами, му го оцрне лицето, го направи како запустен и неупотреблив котел без рачка.
Го провират низ ухце. (Охрид) – Или: Го провират низ иглени уши. (Прилеп) – Со овие две пословици се означува прекумерна надмоќност на еден над друг, така што може да се употреби како што го употребуваме конецот кога го провираме низ иглини уши.

Го провираат нис прстен. (Охрид) – Неспоредбено подостоен од вториот.
Господи брани од голи дебрани. (Охрид) – Молитва за заштита од зло. Соседите на граот Охрид дебрани се олицетворение на секакво зло.
Господи брани од женска беља. (Охрид) – Лошата жена може да ти нанесе такво зло какво што не ти може ни најголемиот непријател.

Господи поможи сите Турци суложи. (Охрид) – Така се молат на Бога (како на шега) кога започнуваат некоја работа.
Господ дал, (а) сф. Илија зел.
Господ да те чуа на црн коњ слуга да бидиш. (Прилеп) – Се верува дека црните коњи се своеглави и повеќето налудничави. Поради тоа и црните луѓе се сметаат за слични на нив па сакаат да кажат дека кој служи кај црн човек не е среќен слуга.

Господ да те чуват од ноф туџар и од стар питач. (Охрид) – Новиот трговец како неопитен во трговијата често може да отстапува од вообичаените трговски правила на однесување; а стариот просјак, како опитен и вешт во занаетот, не излегува од куќата во која ќе дојде да проси додека на било каков начин не успее да истрга од рацете на домаќините нешто.

Господ мене со врешче (да ми дајт, тога) јас тебе со торба (ќе ти дам), или обратно: Господ мене со торба, јас тебе со врешче. (Прилеп). – Кога јас ќе спечалам многу, тогаш тебе ќе ти дам малку, или обратно, кога јас ќе спечалам малку, тогаш тебе ќе ти дадам многу – откажување да му дададт нешто на тој што бара.
Господ не е дебранин (или арнаутин) та да му платит на часот.
Град глад не носит. (Прилеп) – Од некоја индивидуална и локална несреќа не настрадува целиот свет.

За грош капа се купи, а за шеесет пари крчма се даде. (Охрид) – За незначителна работа се направени големи трошоци кои ја надминуваат вредноста на работата за која се направени.
Грнчарот умеит от секаде от к’ј шо сака, да клајт р’чката (на грнето) (Охрид) – Оној што има една работа во своја рака може да измисли секакви убедливи оправданија пред некој што го замолил за нешто што се однесува за таа работа.

Гуведарот просе, на жена му носе. (Кукуш) – Мажот работи, печали, краде или проси и се носи дома за да ги прехрани и изгледа жената и децата.
Гркот не нашол кокошка да јаде, припаднал и на враната. (Охрид) – Кога не ќе го најдиш она што го сакаш принуден си да се задоволиш и со она што ќе го најдеш.

Грми ама не врни. (Охрид) – Кога го караш некого, на пр. детето, жената слугата или некој друг што е потчинет, карај го колку што може ама немој да го тепаш.

Од записите на Кузман Шапкарев (Подготви Марко Китевски)