Властa на СДС плаќала 2,5 пати повеќе на Марковски Компани, 4.000 денари за еден час ископ, а само пред една година 1.500. Кога велиме дека криминалот на Марковски Компани и СДС се гледа од авион, токму на ова мислиме, рече на денешната прес-конференција Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Имено, на 17.07.2024 година, РЕК Битола склучува договор од 208 милиони денари за ремонтни активности во комбинатот, а цената за 1 час такви активности е 3.947 денари. Ист ваков договор Марковски Компани имал и претходната година, но тогаш чинел 1.516 денари час за ремонтни активности. Доколку РЕК Битола не го местеле тендерот за Марковски Компани и останела цената од 2023, или истата за малку се покачела, државата ќе заштедела 90 милиони денари. И тоа е само од еден тендер. 90 милиони денари е разликата во цени од 2024 во однос на 2023. Ако се земе предвид дека и во 2023 година Марковски Компани не работела со загуба, туку со профит, се доаѓа до очигледниот заклучок дека овие 90 милиони денари завршиле на нечии приватни сметки. Дали овие 90 милиони денари завршиле кај Заев и Филипче, па сега така здушно го бранат преку свои судии и инсталации во судството газдата на Марковски Компани од притвор? Грабежот кој Марковски Компани го направил во РЕК и ЕСМ не е можен без врвот на власта на СДС. А за тоа ќе зборуваме и во наредните денови, истакна Манасиевски.

Стотици милиони евра народни пари се испумпани преку Марковски Компани. Газдата на фирмата, кој сега СДС го штити преку своите судии, мора да каже каде завршиле овие огромни милиони. СДС не може вечно да бега. Одговорност ќе има, додаде Манасиевски.