Преданија и легенди за манастирот Трескавец

Прилеп со околијата е најважниот дел од Пелагониската или Битолската епархија.

Тој е многу важна точка и во однос на минатото и историјата. Пред се, во околината му се наоѓа Трескавечкиот манастир, една знаменита во минатите векови светиња, потоа доаѓаат значајните тврдини на Марко Крале, манастирот Св. Архангел и полното со стари цркви село Варош.

Манастирот Трескавец е еден од најстарите манастири. Тоа всушност го покажува и самата архитектура на црквата, која од страните има отвори, нешто што отсуствува во црквите од поновите христијански времиња. Таа, имено архитектура го негира мислењето, дека манастирот бил правен за време на Душана и сл.

Трескавец треба да датира од првите христијански времиња. Преданието на месното население гласи дека црквата во Трескавец е правена пред сите светогорски манастири. Населението раскажува многу работи за таа светиња. Јас ќе запишам буквално, без измени она што го предава населението, а историчарот нека го избере она кое може да му биде од корист од тој суров материјал.

Пред многу векови во манастирот се подвизувале обично околу 300 души монаси. Една царска ќерка по име Каламарија, од родители христијани тргнала да оди во Св. Гора за да пости и да се причести. Светогорските калуѓери не и дозволиле да влезе откако ја убедиле дека во Света Гора не стапнува никакво женско суштество. Оттаму Каламарија тргнала за Прилеп и застанала во селото Дабница, кое лежи во подножјето на планината, врз која се наоѓа Трескавец.

Од тоа село таа испратила барање до игуменот на манастирот дека дошла специјално да го посети манастирот во кој сака да пости и да се причести. Игуменот и одговорил дека не може да и дозволи на жена нехристијанка да живее, да пости и да се причестува во манастирот. Царицата откако три пати ја повторила молбата се јадосала и заповедала да го нападнат и разурнат манастирот, а монасите да ги погубат заедно со сите манастирски луѓе. Заповедта била исполнета. Од целото здание останала неповредена само црквата и јужниот дел од келиите кои и до денес стојат.

Целиот манастир во тоа време бил заобиколен со тврдини, од кои остатоци и денес се гледаат. Од мршите и крвта на истепаните луѓе се создало некакво си чудно животно, ала (ламја) која го јаделе секого кој одел во манастирот. Од таа причина тој манастир цели 200 години стоел пуст. Еден ден станала ужасна бура и силен грмеж. Грмотевицата паднала на црквата, сведоци на тоа биле некои овчари кои во близина си ги паселе стадата. Неколку дена потоа се почувствувала околу манастирот грозна смрдеа.

Се забележале овчарски кучиња да излегуваат од манастирот со окрвавени муцки. Некои посмели овчари влегле во црквата и во олтарот го виделе чудното животно мртво и легнато на земјата. Грмотевицата го удрила и во истото време се образувала и една пукнатина врз северните олтарни ѕидови на црквата. Таа пукнатина се гледа и до денес.

Оттогаш, имено, манастирот го носи името Трескавец, а дотогаш се викал Златоврвски манастир. Преданието раскажува дека врз највисокиот врв на планината било поставено златно јаболко, од каде се добило името Златоврв. Тоа јаболко толку светело што зраците стигнувале дури во Солунското море, кое исто така се гледало од врвот. Таа паднала од Златоврв во време на грмотевицата кога го убила чудното животно.

Пред дваесет-триесет години едно видно прилепско семејство донесло од Виена едно жолто метално јаболко кое го поставиле на истото место на Златоврв, каде што според преданието стоело пред многу векови златното јаболко. Но еден силен ветер го кренал металното јаболко од врвот и го донесол во манастирскиот двор. Од суеверното население тоа се смета за чудо.

Овчарите кои го виделе убиеното чудовиште за се му раскажале на народот кој се зафатил и за скоро време го обновил манастирот. Чудовиштето го изнесле од црквата и неколку дена луѓето оделе да го гледаат. Монашкото братство веќе не се основало, а манастирот и имотот биле управувани од егумени, поставани од владиците, а во сегашно време од прилепската општина.

Старите манастирски згради постоеле до 1862 година кога за игумен бил назначен свештеникот Христо П. Трајков, роден во с. Долгаец, а за епитроп Никола Бутлев од Прилеп, во нивно време манастирот се збогатил и направил нови згради со стотина одаи што им припаѓале на разните еснафи од Прилеп. Во 1966 година во почетокот на месец февруари во манастирот дошле тројца свештеници, од населението наречени пирустијата зашто секогаш биле неразделни. Преку ноќта во нивно присуство манастирот се запалил и изгорел. Останала само црквата заедно со јужниот стар дел на келиите, останати од она време.

Како градското, така и селското население покажуваат голема почит кон Трескавечката светиња. По изгорувањето на манастирот и христијаните и еснафите како пчели дошле со разни подароци и за три години успеале зградите повторно да ги изградат.

Според преданието во старите христијански времиња Трескавец бил многу богат, поседувал огромни недвижни имоти, чифлици, цели села, многу воденици, цели чаршии во Цариград, Солун, Битола и Прилеп. Сите тие имоти, според раскажувањето на простите, биле запишани на зајачка кожа запечатена со царски печати. Трескавечкиот манастир имал хрисовул на пергамент, по горењето на манастирот игуменот го пратил во Белград и за него добил 150 минца и една камбана.

Се сочувал препис од тој хрисовул, што јас сум го видел и кој повеќе не е во манастирот; за содржината ќе говорам на друго место. Ми раскажаа, дека пред 40 години во манастирот имало полна одаја со пергаментни книги кои биле изгорени по заповед на битолскиот владика Герасим. Тој според раскажувањето бил многу лош човек. Еден ден утепал со зенгијата еден сејменин кој не знаел да му го држи како што требало седлото кога јавал. Тој еден ден отишол на манастирскиот панаѓур заповедал да се соберат сите стари книги и самиот слегол во магерницата и му рекол на готвачот да ја наполни фурната и да испече леб со нив. – Цели три дена – кажувал готвачот, – додека траеше панаѓурот ја палев фурната и готварницата со тие зајачки книги.

Во Прилепско раскажуваат дека во Трескавечкиот манастир се наоѓа „Марковиот Чебур“ со кој тој обично се служел и кој собирал 77 оки вино. Распрашав за таа чаша од Марко Крале и ми кажаа дека таа до скоро се чувала во манастирот, но сега веќе ја немало. Луѓето што ја гледале таа „Чебур Чаша“ ми објаснуваа дека тоа била голема сребрена чаша, зачувана од стари времиња.

Црквата со Трескавечкиот манастир е со пет кубиња, секое во внатрешноста претставува посебно одделение. Четирите одделенија се од страните. Тие покажуваат дека тој храм е правен многу порано од Душановото или Урошовото време. Југозападното одделение е целосно заѕидано. Оставен му е само еден прозозрец. Според преданието во тоа одделение се венчал некој си цар.

Обичај било според истото предание, во старо време, да се заѕидуваат влезовите, каде што се венчаваат царевите, за друг прост смртен човек да не стапнува таму.
(Од записите на Атанас Шопов, објавени во Пловдив, 1893 година)