Бигорскиот манастир традиционално ќе го одбележи патрониот празник, „Отсекување на главата на Свети Јован Крстител“. Одбележувањето на манастирската слава започнува на 10 септември (вторник) во 18.30 часот со Свечена архиерејска вечерна богослужба, по која во дворот на манастирот свој настап ќе има Ансамблот „Македонија“.

На 11 септември (среда) во 7.30 часот ќе се служи утрена богослужба, во 8.45 е предвиден пречек на Митрополитот Повардарски, г. Агатангел, додека во 9 часот почнува Светата архиерејска златоустова литургија.

„Славното Бигорско светилиште, кое низ вековите било гордост на нашите предци и столб на нивната православна вера и самобитност, особено за жителите на овие краишта, и денес со истата ревност продолжува да сведочи за евангелската Вистина и да ја јакне верата меѓу народот. Затоа да ја покажеме и ние должната почит кон Светиот Јован Крстител и нашата пожртвувана љубов кон неговото вековно Светилиште, стекнувајќи го на тој начин благословот на светиот Претеча. Ја имаме големата чест и радост, во името на Христовиот Пророк и Крстител, да ги поканиме сите благочестиви православни Христијани да се присоединат кон неговото големо торжество, бидејќи тој, во денот на својот најголем празник Усекновение, е особено благодатно присутен и преку својата славна и чудотворна бигорска икона ги слуша и исполнува молитвите на оние коишто со љубов и вера го повикуваат“, се вели во поканата која братството на Бигорски ја упатува до верниците.