На Денот на работниците, 1 мај, најмногу ќе уживаат оние кои најмалку работат. Државните функционери во првите денови од мај ќе земаат повисоки плати за екстра околу 70 илјади денари. Паричниците ќе почнат да си ги полнат претседателот на државата, Собранието и Владата, а нешто помалку министрите, пратениците, судиите, гувернерот и другите избрани и именувани функционери, пренесува ТВ Алсат.
Платите за месец април на претседателот на Уставниот суд и на потпретседателите на Собранието ќе се зголемат за плус 60 илјади денари, а на министрите и пратениците за околу 56 илјади денари. Функционерите се наградени со повисоки плати за 78% или за околу 1.000 евра. Сето ова доаѓа по одлуката на Уставниот суд кој на 21 март го укина замрзнувањето на член од Законот за плати каде што коефициентот се пресметува во зависност од позицијата, но за основна плата се зема онаа од минатата година на истите државни функции. Самиот претседател Пендаровски ја објави пресметката на неговата плата. Досега земал 92 илјади, а од утре-задутре на сметка ќе му легнуваат по 165 илјади, односно од 1.500 евра на над 2.500 евра.
Според пресметката направена од „Радио Слободна Европа“, со коефициент 4,5 помножен со минатогодишната бруто-плата која изнесуваше 47 илјади денари, претседателот Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Димитар Ковачевски ќе добијат зголемување на платата од 50 евра повеќе за секој работен ден. Премиерот Ковачевски ќе зема плата од 156.482 денари, а претседателот на Собранието Џафери, највисока од сите, 166.207 денари. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, ќе има плата од 153.037 денари, речиси иста како и на премиерот, со што ќе се додадат дополнителни 20 отсто за извршување на функцијата. Секоја наредна функција има нешто помал коефициент, но новите плати ќе изнесуваат над 2.000 до 2.500 евра. Вицепремиерите Грковска, Битиќи, Груби, Маричиќ и министерката за одбрана Петровска во џебовите ќе си ставаат по 35-40 евра повеќе за секој работен ден.
По платите на највисоките функционери, според законот, со плати според висината следуваат претседателот на Уставниот суд и замениците претседатели на Собранието, кои имаат коефициент 4 и сега ќе земаат плата од околу 140 илјади денари, од претходните 80 илјади, под претпоставка дека имаат 30 годишно работно искуство. Пратениците, министрите, гувернерот на Народната банка, уставните судии, градоначалникот на Скопје, државниот правобранител, народниот правобранител и секретарите на Владата и на Собранието имаат коефициент за пресметка на плата 3,7, односно нивната платата ќе се зголеми за екстра 70 илјади до околу 126 илјади денари, под претпоставка дека имаат 20 години работен стаж.
Од друга страна, просечната нето плата во Македонија сега изнесува околу 34 илјади денари, а минималната 20.185 денари. Работник со минимална плата би требало да работи осум месеци за да го заработи тоа што би го заработил премиерот или претседателот за еден месец. На работник со просечна плата пак, ќе му требаат речиси пет месеци за да ја заработи платата на премиерот или претседателот. Деновиве Светската банка ја предупреди Владата дека во услови на економска криза не е во ред да се зголемуваат платите на функционерите.
„Ова не е вистинскиот начин за зголемување на платите на државните функционери во услови на криза. Околу 1.000 избрани и именувани функционери, како и околу 1.000 судии и обвинители ќе земаат повисоки плати за околу 1.000 евра во просек, што значи дека од буџетот што го плаќаат граѓаните, најмалку два милиони евра месечно ќе одат за плати на функционерите. Колку повеќе доцни новиот закон за плати, толку повеќе милиони ќе се одлеваат од буџетот за нивните месечни примања“, наведуваат од Светска банка.
Од Уставниот суд изјавија дека тие не одлучувале за висината на платите на функционерите, туку од нив било побарано да ја оценат уставноста на посебните одредби од Законот за работни односи. Речиси два месеца откако Владата најави дека ќе преземе мерки за намалување на платите на функционерите кои по одлуката на Уставниот суд се зголемија на 78 отсто, власта сè уште не ги подготвила измените за изменување и дополнување на Законот за плати.