Изборите покажаа дека Заев е најлошото за вашата општина, народот одбра иднина, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ по првиот круг од локалните избори во Македонија по кои власта и на централно и на локално ниво е „во нокдаун“.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека народот на Македонија победи, ја победи неработата, безидејноста и неспособноста на СДСМ.
-Победија мажите и жените, младите и старите. Победи Македонија. Победи желбата за подобро утре. Се роди нова надеж, надеж за промени, за нова иднина. Народот масовно гласаше против поделбите. Народот избра заедничка иднина. Победа е првиот голем чекор до просперитетна Македонија. Ова е победа на народот и ние нема да го изневериме народот. Уште од првиот ден како градоначалници и советници луѓето од ВМРО-ДПМНЕ изберени на тие функции целосно ќе се посветат на решавање на проблемите на луѓето, се наведува во соопштението на партијата.
Опозициската партија повикува на масовен одѕив и во вториот круг.
– Финалната победа доаѓа по вториот круг. За да се заокружи процесот. Излезете и гласајте масовно за кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Промените веќе никој не може да ги запре, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.