Тоа е можно само во нашата чудесна Македонија: Врвот на владејачкиот СДСМ се урна и продолжува да се урива како лавина, а нејзиниот коалиционен партнер ДУИ, која е две децении во власта, вели дека нема потреба од нови избори и во ваква политичка и енергетска криза во каква што не доведоа.

Синоќа, по повеќето партиски оставки во врвот на СДСМ, избрано е ново раководство на владејачката партија.

– За мене е огромна чест и одговорност што денес од ЦО на СДСМ ја добив довербата да бидам мандатар на идната влада! Тоа е предизвик кој сум подготвен да го прифатам и посветено да работам за да ја оправдам довербата. Партијата ќе биде главен креатор на квалитетни политики и поддршка на институциите. Секое нејзино тело од месните одбори па се до највисоките органи ќе има своја јасна улога и придонес во спроведувањето на политиките. СДСМ мора и ќе биде силна, организирана, со јасно поставена партиска хиерархија доколку сакаме да постигнеме ефикасно работење, порача новиот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски по завршување на вчерашната седница на Централниот одбор на СДСМ, каде тој ја доби довербата да биде мандатар на новата влада.

Со оние кои не ги смени, новиот претседател на партијата Димитар Ковачевски најави процес на отфрлање на внатрепартискиот клиентелизам и соочување со енергетската криза, економската криза и закочениот евроинтегративен процес, за кои не гледа кривица во самата партија и во нив.

Миле Зечевиќ е избран за генерален секретар, на местото на Љупчо Николовски, Бојан Маричиќ е избран за секретар за меѓународна соработка, додека Вангел Андрески, поранешен директор на ЈП „Паркинзи Општина Центар“ е на функција на организациски секретар.

Ковачевски најави дека е формиран Совет за креирање и имплементација на политики, а за претседател е избран проф. д-р Игор Ивановски поранешен пратеник, поранешен претседател на СДММ, потпретседател на СДСМ и генерален секретар на СДСМ. Советот ќе има за цел да функционира како помошно тело за поддршка на претседателот на СДСМ и органите на Партијата, да ги интегрира и мобилизира целиот човечки капитал во и надвор од партијата. Ова советодавно тело ќе креира политики и стратегии, но и ќе ја следи и забрзува имплементацијата и реализацијата на проектите.

Од поранешниот состав, на потпретседателска функција во СДСМ останува вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи. Новите потпретседатели на СДСМ се Стефан Богоев, поранешен градоначалник на Општина Карпош, Перо Костадиновски, градоначалник на Валандово и пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска. Заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, исто така го продолжува мандатот кој и го има со изборот на Конгрес.

Во Извршниот одбор на СДСМ членуваат Ана Данева-Маркова, Мишко Ралев, Нина Фити-Неделковска, Снежана Захариева, Даниела Колева, Милена Стефановиќ, Костадин Костадинов, Рената Јајовска, Мелиса Ценовска, Петре Шилегов, Дритан Исмаили, Тања Томиќ, Дарко Каевски, Андреј Петров, Ивона Кузмановиќ, Костадин Ацевски, Никола Рилак.

Претходно, вчера во текот на денот оставка од потпретседателската функција во партијата даде министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Оставка на функцијата генерален секретар на СДСМ вчера поднесе и вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски.

Во меѓувреме, откако во четвртокот Собранието ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев, тече рокот од десет дена во кој претседателот Стево Пендаровски треба да го довери мандатот за формирање нова влада, и тоа, откако во СДСМ беше потврден новиот мандатар, би требало да се случи деновиве. Формирањето пак на новата влада Ковачевски го најави за средината на следниот месец, најдоцна до 18 јануари.

Откако мандатарот ќе го добие мандатот за формирање нова Влада, се очекува во текот на првата половина на следниот месец тој до Собранието да ги достави програмата за работа и составот на новиот владин кабинет, по што пратениците ќе треба да гласаат за избор на новата влада. За да биде избран, за предложениот владин кабинет треба да гласаат најмалку 61 пратеник. Новото парламентарно мнозинство составено од коалицијата предводена од СДСМ, заедно со ДУИ, Алтернатива и ДПА има 64 пратеници во Собранието.

– Првата задача која ја има новото раководство е да состави нова влада и силно да се посветиме на спроведување на владината програмата и политиките. Јас сум оптимист дека новата Влада предводена од СДСМ ќе ја избереме на средината од следниот месец, до 18 јануари. Пред новата Влада стојат предизвиците за менаџирање на енергетската криза, економската криза предизвикана од пандемијата, како и продолжување на евроинтеграцискиот процес и преговорите со соседна Бугарија, изјави Ковачевски на вчерашната прес-конференција.

Според него, само со стабилна влада можат да се надминат овие предизвици. Во моментов се работи на програмата што, како што изјави Ковачевски ги содржи најдобрите проекти и предлози на СДСМ и коалициските партнери.

– Веднаш потоа треба се посветиме и на ефикасна реализација, бидејќи што поефикасно работиме и го почитуваме заемниот договор, постабилна ќе биде владата. Новата влада ќе стави силен фокус на економијата но ефикасна реализација на програмата и капиталните инвестиции. Насочени сме кон остварување двојно повисоки стапки на економскиот раст и покачувањето на платите. Трудот на работникот мора да се цени и вреднува, додаде претседателот на СДСМ.

Реформите и промените во политичката партија СДСМ доаѓаат по оставката на поранешниот претседател на партијата и премиер, Зоран Заев. По завршувањето на вториот круг од локалните избори на 31 октомври оваа година, Заев ја презема одговорноста за лошите резултати. На 23 декември, Собранието ја констатираше оставката од премиерската функција. Тој ја презема премиерската функција на 31 мај 2017 година, а вториот мандат го освои на 15 јули минатата година.

Државата нема потреба од предвремени избори, но има потреба да ги реши проблемите со кој се соочуваа, изјави денеска претседателот на ДУИ, Али Ахмети на вчерашната предновогодишна средба со новинарите во седиштето на партијата во Мала Речица.

Во однос на спорот со Бугарија, Ахмети посочи дека ако сакаме да имаме една стабилна ситуација, одржлива и унапредена во насока на евроатланските процеси, неопходно е да се решат разликите што ги имаме со бугарската страна во врска со Договорот за добрососедство.

– Мислам дека работите се приближени. Досега ги имавме предвид тешкотиите со кои се соочуваше Бугарија, со избори, со задоцнувањето на конституирање на новата Влада и Собранието. Мислам дека разликите се приближени. За приближување на разликите ни помагаа нашите меѓународни партнери кои се заинтересирани да функционираат мирот, стабилноста и безбедноста во Западниот Балкан и особено во нашата земја. Се надевам дека ова прашање ќе се реши во деновите или месеците што следат, но под услов ниту од нашите, ниту од бугарските власти да не се политизира и да не се вметнуваат емоции затоа што тоа е тема која сама по себе е емотивно прашање, рече Ахмети.

Тој потенцира дека претходно од бугарска страна се потенцираше барањето бугарското малцинство да биде вклучено во Уставот на земјата и дека ова прашање сега е усогласено.

– Ние прифаќаме да ја направиме ова промена и прифаќање на бугарското малцинство, што е право на секој да се изјасни така како што се чувствува. Овој принцип функционирал и ќе функционира и понатаму, додаде Ахмети.

Во однос на јазикот, Ахмети истакна дека конструктивноста на двете држави ќе помогне за решавање на овој спор, потенцирајќи дека е прифатливо решението што е формулирано во Договорот со Бугарија, посочувајќи дека Албанците се солидарни со своите сограѓани Македонци за решавање на овој спор и за надминување на овие разлики, од причина што „не поврзуваат заедничките интереси“.

– Нема преговори кои се лесни. Сите процеси поминуваат низ тешки патишта и со разлики меѓу страните, но значајно е што има конструктивен дијалог меѓу страните и добра волја и тоа влева доверба дека во иднина ќе има прифатливо решение. Сметам дека моите сограѓани Македонци како што би ги бранел еден Македонец нивните интереси, исто толку ги браниме и ние, затоа што имаме заедничка цел, а тоа заедничка стабилна држава, иднина и визија нашата земја да биде една напредна и функционална демократија и целосно интегрирана во ЕУ и НАТО, истакна Ахмети.

На прашањето за почнување на ветинг, Ахмети рече дека тоа не треба да остане само на изјави во медиумите, туку да се спроведуваат конкретни дела и на одговорни функции во политиката, судовите, обвинителствата и полицијата да бидат лица со чиста биографија.

– Ние сме разговарале со медиумите, со граѓанското општество, и тоа треба да започне од политиката, судството, полицијата и да не остане само на изјави, туку да работиме конкретно. Да бидеме координирани и хармонизирани за да имаме успех. Во сите напредни земји, како во САД, така и во Европа, има илјадници функционери кои се затворени, додека кај нас политичарите и функционерите се малцинство во затворите, рече Ахмети.

Во однос на европските перспективи на земјата, Ахмети посочи и дека постојат деструктивни сили кои работат против членството во ЕУ, посочувајќи дека тоа се истите сили кои беа и против Охридскиот и Преспанскиот договор и против Договорот со Бугарија, но се испреплетуваат и надворешни фактори, како што се руското и кинеското влијание.