Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство денеска преку соопштение реагира во врска со непостапувањето на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи (МЦСР) на Град Скопје во конкретен случај каде по пријава од страна на жртвата и после четири месеци, до ден денес, не се преземени никакви мерки на заштита.
– Последните настани кои се случуваа во Гостивар, Неготино и Струмица го покренаа прашањето колку државата ги штити жените кои секојдневно се справуваат со семејно и родово базирано насилство. И покрај тоа што РС Македонија ја ратификуваше Истанбулската конвенција и ги усогласи сите позитивни законски прописи, поточно донесе нов Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, сепак неизбежни се делата со извршено семејно насилство кои завршуваат со тешки телесни повреди и во крајна инстанца со фемицид. Целиот систем за превенирање и спречување на насилството воопшто не функционира што се чини дека сериозно е доведена во прашање целта на Истанбулската конвенција и Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, оценуваат од Националната мрежа.
Надлежните институции кои се во прва линија за заштита на лицата кои се справуваат со насилство, се наведува, очигледно не се доволно сензибилизирани и стручни во применетата на законските прописи со кои се штитат жртвите, од причина што доколку се постапува онака како што налага Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, ќе се постигне целта за заштита на жртвите и ќе се избегнат или намалат последиците од извршеното насилство.
– Водителите на случаи на семејно насилство во центрите за социјална работа често се менуваат, воспоставуваат различни практики, одлуките кои ги донесуваат не се разбирливи, па очигледно е дека не им е доволно јасна нивната одговорност која ја имаат за жртвите. Нивното непостапување и не правење на правилна проценка на ризик, доведува до сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членови на нејзино семејството, нагласуваат од оваа невладина организација.
Како надоврзување на ова, тие го наведуваат случајот на семејно насилство по пријава од страна на жртвата пред четири месеци, случај кој до ден денес не се преземени никакви мерки на заштита. Семејното насилство го врши сопругот на жртвата во форма на закани по живот, вознемирувачки пораки, демнење, стрес и секојдневни притисоци. Жртвата е лице со најтешка телесна попреченост (церебрална парализа), па така сопругот искористувајќи ја оваа положба, донесува одлука дека може слободно психички да ја малтретира сопругата. Освен тоа, со психичкото насилство се справуваат и малолетни деца, како и останатите роднини кои живеат во заедничката семејна куќа.
Сепак, се појаснува, патот до правдата за оваа жртва е далеку од успешен, напротив иако се известени сите надлежни институции, нема разрешница по овој случај веќе 4 (четири) месеци. Па така, првично жртвата го пријавува нејзиниот сопруг во полициска станица, а пријавата од полицијата до ЈУМЦСР Скопје стигнува после една недела. Оттука, во МЦСР Скопје жртвата е повикана да даде изјава уште наредниот ден, а потоа се повикани и нејзините деца да дадат изјава за семејното насилство. Скоро еден месец, жртвата од страна на МЦСР Скопје нема никаков одговор во однос на постапката, освен тоа дека сторителот е повикан исто така да даде изјава во центарот. Поради тоа, од страна на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство е остварен контакт со водителот на случај по овој предмет при што, водителот на случај нагласи дека законскиот рок за постапување по овие предмети е 30 дена и не постојат никакви задоцнувања, туку напротив се уште тече рокот согласно позитивните законски прописи. Каков е овој рок од 30 дена за заштита од семејно насилство, само центрите за социјална работа го знаат бидејќи овие постапки се итни и бараат навремено постапување, а не оставање на жртвата сама да се справува со сторителот 30 дена. Откако жртвата беше конечно повикана во МЦСР Скопје да потпише согласност за привремени мерки на заштита, е закажано рочиште во суд. На самото рочиште, не се изрекуваат никакви привремени мерки за заштита, поради тоа што сторителот изјавил дека сакал адвокатски застапник во постапката, па судот донесува одлука рочиштето за привремени мерки на заштита да се одложи за еден месец покасно, поточно во септември.
– МЦСР Скопје, како предлагач на привремени мерки за заштита и воедно и одговорен за животот на жртвата, решава да не се произнесе во судот за ова предолго одложување на постапката и не побара ниту една привремена мерка на заштита, поточно не побара никаква забрана за приближување, а е уредно известен дека сторителот секојдневно ја демне жртвата и нејзиното семејство. Доколку целта на Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство е превенција и спречување на родово-базирано насилство врз жените и семејното насилство, ефективна заштита на жртвите од каков било облик на родово базирано, тогаш каде е целта за оваа жртва? Како се превенира и спречува семејното насилство, ако жртвата чека пет месеци за привремени мерки на заштита? Која е целта на привремени мерки за заштита, доколку ги нема повеќе од пет месеци? Каква проценка на ризик има направено ЈУМЦСР Скопје, прашуваат од Националната мрежа
Дополнително, се додава, адвокатскиот застапник на жртвата се обрати со допис до МЦСР Скопје, во кој детално му се образложува на центарот дека временскиот период до септември е огромен за вакви итни постапки, како и дека МЦСР Скопје е во својство на предлагач за привремени мерки е потребно да се обрати до надлежниот суд со формално барање да донесе одлука вон рочиште. Сепак на ваквиот одговор, МЦСР Скопје достави известување и тоа дека ‘’надлежност на центарот е да го изготви предлогот и да го достави до надлежен суд, а дали судот ќе донесе решение по доставениот предлог или ќе закаже рочиште е исклучива надлежност на судот и МЦСР Скопје нема надлежност да укажува на правила, прописи и насоки во работата на судот’’.
Повторно е, посочуваат, нејасно постапувањето на центарот за социјална работа. Како предлагач на привремени мерки на заштита, центарот за социјална работа не е задолжен да му дава насоки на судот, но е задача и одговорност да бара истите мерки да се изречат во најбрз можен рок. Доколку институциите треба да постапуваат со должно внимание каде е тука должното внимание, ако самите институции оставаат незаштитена жртва на семејно насилство, сама да се спасува од насилникот? Доколку повеќе што, ако жртвите треба самите да се спасуваат од сторителите, зошто воопшто центрите за социјална работа се поставени како државни органи за заштита од семејно и родово базирано насилство?
– Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство изразува огромна загриженост за овој случај и за сите случаи кои талкаат низ лавиринтот на институциите, а жртвите се незаштитени и оставени сами на себе. Оттука, бараме Министерството за труд и социјална политика редовно да ја следи работа на центрите за социјална работа и подобро да се запознае со непрофесионалното, неетичко и неажурно постапување, па следствено на ова да преземе мерки со кои ќе ја подобри работата на центрите за социјална работа и ќе ги заштити жртвите на семејно и родово базирано насилство, стои во реакцијата на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.