Ексамбасадорот на САД во Македонија, Филип Рикер, кој е цивилен заменик и политички советник на командантот на Европската команда на Воените сили на САД и иден американски помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања, денеска е во посета на Скопје.
Како што информираа од владината прес-служба, Рикер попладне ќе има средба со премиерот Зоран Заев по што двајцата ќе дадат изјави за медиумите. Претпладне предвидена е и средба на Рикер со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.
Рикер во Скопје ќе учествува на конференција во организација на Маршаловиот фонд на САД.
Филип Рикер беше амбасадор на САД во Република Македонија од 2008 до 2011 година. Ова е негова прва посета на земјава по најавите дека ќе го презеде местото помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија откако Вес Мичел се повлече од таа функција на почетокот од годинава.