Македонија може да ги намали и до нула царинските стапки за САД, бидејќи трговската размена со нив е многу ниска. Ова може државата да го понуди на Вашинтон, а според Министерката за финансии ваквиот потег нема да има негативно влијание на буџетот. Главните преговори ги води министерот за надворешни работи и се очекува разрешница за можноста за потпишување на договор за слободна трговија по што би имало намалување на царините.

„Подготвуваме измени во Законот за царинските стапки со кои можеме да одиме на нивно намалување дури и до нула зашто ефектот нема воопшто да биде голем, бидејќи целиот извоз лани бил нешто над 100 милиони евра што е многу малку во споредба со размената со останатиот дел од светот. Било каква промена на царинските стапки нема да има никакво влијание на Буџетот. Тоа во овој момент може да им го понудиме на САД, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

Македонската Влада не очекува директни негативни последици. Дури и поради високите стапки кои Америка ги наметна на нашиот најголем трговски партнер ЕУ, не треба да се стравува од отпуштања, намалување на извозот или пак селење на компаниите од земјава. Проблем има само една компанија која е директно зависна од извозот во САД, но Владата работи за да и помогне.

„Невозможно е преку ноќ да се случи нешто. Компаниите може да имаат намалено производство, но нема да ги отпуштат вработените на краток рок. Во меѓувреме европските држави ќе се договорат со САД. Во делот на преселба на капиталот нема да има реакција, бидејќи тоа е долг процес, и нема да се случи дека ќе има отпуштање од работа затоа барам да не се крева паника во тој однос“ рече Димитриеска- Кочоска.

Според Владата, САД направила грешка со пресметката и дека во Македонија нема царинска стапка од 65 отсто, а токму тоа е основата на преговорите кои ги води МНР. Според царинската управа највисоката стапка од Македонија кон САД е 15 отсто.