Членките на НАТО денеска одржаа состанок посветен на неодамнешните нарушувања на воздушниот простор на Полска и Романија, при што заклучија дека Русија сноси целосна одговорност за инцидентите и изразија целосна солидарност со двете земји сојузнички.
– Овој инцидент е уште еден непромислен потег на Русија и опасна последица од нејзината војна против Украина – изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Портпаролката на Алијансата, Алисон Харт, истакна дека сите сојузници ги осудиле опасните и неприфатливи постапки на Москва, кои покажуваат дека Русија сè повеќе свесно презема ризици. Во официјалното соопштение по состанокот се подвлекува дека ваквите неодговорни постапки нема да ја одвратат Алијансата од трајната посветеност и поддршка за Украина.
Состанокот беше свикан по серијата безбедносни упади на источното крило на Алијансата. Во изминатите неколку недели повеќе беспилотни летала навлегоа во романскиот воздушен простор, што романскиот претседател Никушор Дан го оцени како недозволиво и неприфатливо однесување на Кремљ. Истовремено, во Полска, на околу 50 километри од градот Лублин, се урна вооружено беспилотно летало. Полскиот премиер Доналд Туск појасни дека станува збор за летало од руско потекло.
Романскиот амбасадор во НАТО, Дан Некулеску, ја нагласи потребата од понатамошни инвестиции во воените капацитети со цел Букурешт и Алијансата поефикасно да го бранат источниот регион, додека полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш порача дека НАТО е подготвен за конкретни нови чекори за зајакнување на безбедноста долж источните граници и на Балтичкото Море.




