Според науката постои само еден Божик, а проблемот околу разликите во термините на празнување е во политиката. Спорната терминологија за некаков „католички“ и некаков „православен“ Божик е сосема погрешна, бидејќи речиси сите православни цркви го имаат прифатено реформираниот јулијански календар, кој речиси е идентичен со грегоријанскиот, таканаречен граѓански календар. Единствено Руската, Српската и Ерусалимската православна црква, вклучително и нашата МПЦ, се уште цврсто се држат до стариот, нереформиран јулијански календар. Освен нив сите други православни цркви Христовото раѓање го лоцираат според реформираниот јулијански календар, па оттука, како и сите други фиксни православни празници, така и Божик го празнуваат според тој календар – на 25-ти декември. Во земјите чиишто православни Цркви го употребуваат стариот Јулијански календар, како Србија, Македонија или Руската федерација, секој од нивните верници на прашањето кога е Божик ќе ви одговори дека е на 7-ти јануари, што од црковно-канонски аспект е апсурдно, затоа што сите од нив, почетокот на Новата Година го празнуваат на 1-ви јануари. Доколку навистина се водат според стариот јулијански календар, Новата Година би требало да ја празнуваат на 14-ти јануари.
Инаку, разликите околу датите на празниците во однос на реалноста на небото биле забележани уште во средината на 16 век. По неколку години размислување и пресметки, со царски указ, биле исфрлени 10 дена од стариот календар, а решението било официјализирано со повелба на римскиот папа Грегориус. Затоа новововедениот, корегиран календар, во негова чест, бил наречен „грегоријански“. Се разбира дека на тоа му претходела работа на опитни и совесни астрономи. Веднаш потоа, на 4 октомври 1582 година, таканаречениот грегоријански календар почнале да го применуваат Италија, Шпанија, Португалија и Полска, на 9 декември 1582 овој календар го прифатила Франција, а на 14 декември кнежеството Луксембург и црквите на територијата на Фландрија и Валонија, односно денешна Белгија. Во поголемиот дел од Холандија поправениот календар бил прифатен на 14 декември 1584-та година, а во останатите, претежно протестантски делови на земјата, на 30 ноември 1700 година. Австрија по области тоа го сторила од петти октомври до 14 јануари 1583, а во Германија католиците го прифатиле во периодот 1583 до 1585 година. Прусија го вовела на 22 август 1610, но германските протестанти се двоумеле цели 118 години. Слично било и во Швајцарија, со исклучок на областа Сент-Гален, на која и биле потребни полни 142 години за размислување, но, сепак, во 1724-та година конечно и тие префатиле дека небото е поточно од нивните хартиени пресметки. Истиот календар во Чешка почнал да се применува од јануари 1584, во Унгарија од 21 октомври 1587, во Данска од 18 февруари 1700 итн. Британците се колебале најдолго околу замената на неточниот со точен календар, па грегоријанскиот каландар го вовеле дури 2 септември 1752-та година, вклучително и за територијата на САД. Следната година и црковните бирократии во Шведска и Финска капитулирале пред астрономијата.