Тинејџерите кои се борат со прекумерна телесна тежина имаат поголема веројатност да доживеат срцев удар во поодмината возраст, посочуваат нови истражувања.

Научниците анализирале податоци од 1,7 милиони Швеѓани, мажи родени меѓу 1950. и 1987 година и биле следени до својата 46. година, а некои и до 64 години.

За сето тоа време, пријавени се над 22.000 срцеви удари (со или без смртен исход) коишто се случиле на просечна возраст од 50 години. Повисокиот индекс на телесна маса (БМИ) во тинејџерството е поврзан со зголемениот ризик од срцев удар пред 65. година, дури и кога биле отстранети другите причинители.

Авторката на трудот, Марија Аберг, инаку професорка на Универзитетот на Готенбург во Шведска, истакна дека ова испитување е само потврда на досегашните сознанија.

– Како што распространетоста на дебелината и прекумерната тежина кај младите возрасни лица продолжува да расте, во иднина може да се соочиме со повеќе случаи на срцеви и мозочни удари. Родителите, училиштата и креаторите на политиките треба итно да дејствуваат за да ја спречат „епидемијата“ на дебелина кај децата и младите луѓе, нагласува проф. Аберг.