Нивото на антитела кај пациенти кои оздравеле од Ковид-19 паѓа нагло два до три месеци откако инфекцијата се смирува, се нагласува во студија на кинески научници кај пациенти со симптоми и заразени без симптоми на болеста.
Нивното откритие го поставува прашањето за времетраењето на имунитетот против новиот коронавирус, јавија западни медиуми.
Резултатите од студијата, објавени во списанието Nature Medicine, го прикажуваат ризикот од употреба на т.н. „пасоши за имунизација“ против Ковид-19 и ја поддржуваат тезата дека е потребно долго време да се одржува социјална дистанца и да се изолираат ризичните групи на пациенти, велат научниците.
Здравствените власти во некои земји, како Германија, дебатираат дали е етичко и практично да им се овозможи на лицата за кои е утврдено дека имаат антитела кон новиот коронавирус да се движат послободно од другите.
Во кинеската студија истражувачите откриле дека оние кои се тестирале позитивно на антитела на имуноглобулин Г (IgG), имале остар пад од околу 90 проценти по два или три месеци. Овој вид на антитела е од суштинско значење за човечкото тело и го штити од вируси, бактерии и габи.
Авторите на студијата се научници од филијалата на Кинескиот центар за контрола и превенција на болести и нивни колеги од други кинески институции.
– Студијата не ја исклучува можноста други делови на имунолошкиот систем да обезбедат заштита од новиот коронавирус, изјави Џинг Донг-јанг, професор по вирусологија на универзитетот во Хонг Конг, кој не беше вклучен во студијата.
Некои клетки се сеќаваат како да се справат со вирусот по првата средба со него и можат да обезбедат сигурна заштита ако повторно се судрат со инфекцијата. Научниците се уште истражуваат дали тој механизам работи против новиот коронавирус.