Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска на свечена церемонија ја одликуваше светски реномираната научничка и истражувачка во областа на биохемијата, Светлана Мојсов, со Орден „8 Септември“, за нејзиниот извонреден и фундаментален придонес кон светската наука и афирмацијата на државата во меѓународните интелектуални кругови.

Сиљановска-Давкова во обраќањето ја истакна нејзината долгогодишна научноистражувачка работа, особено нејзиниот придонес во синтезата на пептиди и истражувањата поврзани со глукагонот и глукагон-сличниот пептид 1 (GLP-1), врз кои денес се базираат терапии за дијабетес и дебелина.

– Со ова највисоко државно одликување, Орденот „8 Септември“, ѝ оддаваме признание и благодарност за нејзиниот фундаментален придонес кон развојот на македонската наука во светски рамки, но и кон македонската афирмација во највисоките меѓународни интелектуални кругови. Со своето научно дело и меѓународно признание, таа даде непроценлив придонес и нè задолжи засекогаш како држава – истакна Сиљановска-Давкова.

Претседателката потсети дека Мојсов е родена во Скопје, каде што завршила основно и средно образование, а дипломирала физичка хемија на Природно-математичкиот факултет во Белград. Докторирала на Рокфелеровиот универзитет под менторство на нобеловецот Брус Мерифилд, каде што работела на синтеза на пептиди, вклучително и на панкреасниот хормон глукагон.

– Ние имаме голема среќа и помалку незаслужена чест да се заблагодариме за големото дело на една научна хероина – Светлана Мојсов, професорка на Рокфелеровиот универзитет во Њујорк, САД. Судбината решила таа да биде и наша, Македонка, родена во Скопје, Македонија. Нејзиното потекло го потврдува принципот дека судбината и космичката мудрост никого не дискриминираат, па и на малите заедници им подаруваат големи луѓе. Нејзините први претстави за стварноста, сензибилитетот за животот, се формирале овде, во овие простори во кои, наспроти сегашната скромна состојба, сè уште трае ехото на една длабока интелектуална, духовна и просветителска традиција. Затоа, ние мислиме дека имаме право да ја наречеме и наша, и да ѝ се заблагодариме и да се гордееме со неа и со нејзиното грандиозно дело од значење за светската наука – истакна Сиљановска-Давкова.

Се осврна и на признанијата што Мојсов ги добила во последните години, меѓу кои наградата „VinFuture“ во 2023 година, изборот меѓу 10-те највлијателни научници на годината на списанието „Nature“, „Pearl Meister Greengard Prize“, вклучувањето во листата „TIME 100“, „Princess of Asturias Awards“, „Tang Prize“, „Lasker-DeBakey Clinical Medical Research Award“, „BBVA Foundation Frontiers of Knowledge Award“ и „Warren Triennial Prize“.

Сиљановска-Давкова потсети дека Мојсов е добитник и на Светската награда на хуманизмот во Охрид, почесен професор на Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје, а постојат и иницијативи за нејзино прогласување за почесен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и за почесен член на МАНУ.

Светлана Мојсов е родена на 8 декември 1947 година во Скопје. Основното и средното образование ги завршила во родниот град, а во 1971 година дипломирала физичка хемија на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот во Белград.

Во 1972 година се запишала на докторски студии на Рокфелеровиот универзитет во Њујорк, каде што работела под менторство на Брус Мерифилд. Докторирала во 1978 година, а нејзините истражувања се фокусирале на синтеза на пептиди во цврста фаза, што кулминирало со синтезата на панкреасниот хормон глукагон.

Во 1983 година се преселила во Бостон и започнала работа во Одделението за ендокринологија на Општата болница во Масачусетс. Во соработка со Џоел Хабенер и Гордон Вир, учествувала во истражувањата што довеле до идентификација на глукагон-сличниот пептид 1 (GLP-1), хормон кој го стимулира создавањето инсулин и има значајна улога во метаболизмот на глукозата.

Во 1990 година Мојсов се вратила на Рокфелеровиот универзитет, каде што е избрана за доцент, а од 2002 година е вонреден професор за истражување.

Нејзината работа во областа на биохемијата и истражувањето на GLP-1 има значајно влијание врз современиот третман на дијабетесот и дебелината, а како резултат на повеќедецениската научноистражувачка работа произлегле и девет значајни патенти.