Во прилепско Небрегово на 19 декември 1921 година е роден Блаже Конески, македонскиот јазичен, книжевен, научнички великан. Ова е периодот на едно импозантно столетие, за сублимирање на доказите за македонскиот јазик, една од основните идентитетски одредници.
Соочени со политички превирања (во нив се вплетка, неосновано, прашањето за македонскиот јазик) не треба, апсолутно, да има дилема – македонскиот јазик е идентитет на државното и народно опстојување. И, да биде јасно, не е „од вчера“, што би рекол народот. А научните истражувања потврдуваат – нема што да се докажува, непотребно е да се влезе во таа „стапица“. Македонскиот јазик има вековно потекло и корени. А истражувачите докажуваат со факти.
Ја побаравме Виолета Крстеска, доктор по филолошки науки во Одделението за наука за јазикот при Институтот за старословенска култура во Прилеп. Крстеска, недвосмислено, отворено, сака да потврди дека македонскиот јазик има длабоки, вековни корени. Одделението за јазикот при Институтот ги истражува старословенските ракописи. И истражувањата има што да кажат и да потврдат – ракописите од 12 и 13 век, претежно евангелија, носат докази дека се пишувани со македонска редакција. Упатуваат на јака писмена дејност и поставување на никулците на македонскиот јазик.
Кои докази ги нудат истражувањата?
Според истражувањата, најдоверливи, најсигурни докази се тоа што на оваа територија, на оваа македонска почва, имало огромно пишано наследство и, тоа што е најважно, сите пишани споменици се со македонска редакција на старо црковнословенските текстови.
Филологот Крстеска сака да прецизира.
– Ова мора да го појаснам. Ние се занимаваме со историјата на јазикот, која опфаќа повеќе развојни фази. Првата е старословенскиот период и тој јазик е старословенскиот и трае до крајот на 11 век. Од тој период се најраните ракописи: Семаново, Маринското евангелие, потоа Охридскиот апостол, кои се со македонска редакција. Фактички, знаеме дека оттука потекнува писменоста, знаеме дека светите Кирил и Методиј основата за словенскиот јазик ја зеле од говорот на македонските Словени од околината на Солун. Значи, на овие простори има многу јака, длабока докажана традиција. Тоа е аксиома, да речам. По 12 век почнува старо-црковнословенскиот период. Карактеристично е што тука почнуваат да се делат редакциите. Тоа е како денешните дијалекти во македонскиот современ јазик. Според тоа се разликуваат старите ракописи. Значи, на пример: со македонска, со руска, со српска, со бугарска редакција. Сите си имаат свои јазични обележја, карактеристични за секој ракопис. Посебно во палеографијата, во морфологијата на буквите. Така, карактеристиките за тие ракописи се универзални, така да објаснам. Но, битни се јазичните елементи, бележја на тие ракописи, кои ја одредуваат редакциската определба на тие ракописи, објаснува Крстеска.
Најстарите ракописи со македонска редакција се од 12 и 13 век
Има евангелија, па и Дечанскиот псалтир… Но едно откритие ги променува работите. Се криело во варошката црква во Прилеп „Свети Димитрија“, а потоа се нашло во Краков во Полска. Стануваат најскапоцената и најраритетна збирка на стари словенски ракописи во Европа. И сите се со македонска редакција. За што станува збор? Крстеска го објаснува своето ексклузивно истражување.
– Најстарите пишани споменици, меѓу другото, се и збирката на стари ракописи што ја пронашол полскиот доктор по медицински науки Рудолф Гутовски. И тоа, замислете, по неговите патешествија низ Македонија, доаѓајќи во Прилеп, од црквата „Свети Димитрија“ во Варош зел шест извонредно стари ракописи, меѓу кои се и два ракописа од Трескавечкиот манастир, каде што е и Трескавечкиот молитвеник. Таа збирка се наоѓа во Универзитетската библиотека во Краков, Полска. Таа е најскапоцената и најраритетна збирка на стари словенски ракописи во Европа. И, замислете, сите се со македонска редакција. И сите се од крајот на 14 до крајот на 16 век. Јас пронајдов во Краков, Полска, ги видов тие ракописи. Тоа се извонредни изданија. Тоа потврдува дека македонската писменост, иако, за жал, тие пишани документи не останале кај нас, туку во други места, без двоумења може да се рече дека била во крајно развојна, финална фаза дека на овие простори постоела стара писменост, постоела писмена традиција, која не може никој да ја одмине, ниту да ја надмине. Тоа го докажале и надворешни учесници што работеле на проекти, нема субјективизам, чисто се научни факти, и докажано е дека македонската редакција на старите ракописи е многу силна, имаме многу книги за тоа. Не сакам да ги негирам соседите. Но, на пример, Србите го имаат Милосављевото евангелие, а ние имаме куп евангелија од минатите векови и се со македонска редакција, вели Крстеска.
Фрапирани сме, вели, од таквите сознанија, но и горди на вековните потврди за македонскиот јазик.
Продолжувајќи ја историјата на корените на македонскиот јазик Крстеска посочува дека по 14 век има одлична писменост на овие простори. Има одредено „замрување“, со турската инвазија на балканскиот простор, има некоја одредена пауза, но, на крајот на 16 век, со појавата на дамаскините, како народни зборници, кои имаат големо влијание во Македонија и во македонската писменост, што е неминовно, бидејќи во тоа време сме примарна писмена земја, почнува да навлегува влијанието на елементите од говорниот народен јазик на ова подрачје. И тоа се најдобрите истражувања од тој постпериод. А следните сознанија на филологот Крстеска го покажуваат патот на вметнувањето на народниот говор во ракописите. И поврзано е со Трескавечките грамоти.
– Јас ги работев Трескавечките грамоти. Кај нив забележав дека, иако се излезени од „официјална српска канцеларија“ на овој простор, значи тие се даровни грамоти што царот Душан ги подарува на одредени манастири на кои тој сака, а посебно му бил омилен манастирот Трескавец. И посебно е тоа што при официјалната српска текстура, има продор на елементи од македонскиот говорен јазик. Тоа го истражував. На пример, со поделбата на „меѓите“, во тие „канцеларии“ имало македонски писари, кои внеле во ракописите дел од нивниот, македонски говор. Тоа е нашата задача. Сето тоа придонело за афирмација на македонскиот јазик. А да не говориме за 19 преродбенски век. Тоа довело до револуција за развојот на македонскиот јазик. Се стабилизираат работите за да се кодифицира македонскиот јазик. Тука веќе не може да ги одминеме почетните работи на Крсте Петков Мисирков, вели Кртеска.
Старословенски ракописи со македонска редакција, ракописи од „српско време“ во кои се вметнува македонскиот народен говор се дел од развојните фази за поставените корени на македонскиот јазик. Крстеска потврдува дека преродбенскиот период е клучен.
– Сето тоа придонело за афирмација на македонскиот јазик. А да не говориме за 19 преродбенски век. Тоа довело до револуција за развојот на македонскиот јазик. Се стабилизираат работите за да се кодифицира македонскиот јазик. Тука веќе не може да ги одминеме почетните работи на Крсте Петков Мисирков, истакнува Крстеска.
Резимето е дека на овие простори има извонредно силна писмена дејност, стари ракописи кои, претежно, од овој, постариот период, покажуваат македонска редакција, а понатаму на навлегување на говорните елементи од македонскиот народен говор. Најстарите ракописи со македонска редакција се од 12 и 13 век. Има евангелија, па и Дечанскиот псалтир.
Филологот од Институтот за старословенска култура во Прилеп не сака да навлегува во настојувањата за негирањето на македонскиот јазик. И ниту има потреба од докажување.
– Не сакам да навлегувам во политички настојувања за негирања, јас сум стручњак. Јас работам со факти, а фактите покажуваат дека нема потреба од сомневање во развојните фази на македонскиот јазик, околу современиот македонски јазик. Тој е неприкосновен, како и сите други јазици во светот и нема потреба од докажувања. Многу се дава на важност. Замислете, овде се оформила македонската писменост, а ние треба да се браниме дека јазикот ни бил „вештачки“. На тоа немам коментар, заклучува д-р Виолета Крстеска од прилепскиот Институт за старословенска култура.
Професор д-р Лидија Тантуровска од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ од Скопје потврдува дека македонскиот јазик постои со векови.
– Значи, македонскиот јазик постои на овие простори со векови, но кодифицираниот јазик ние како лингвисти сметаме дека првиот кодификатор на македонскиот јазик е Крсте Петков Мисирков. Слушнавме дека македонскиот јазик потекнува со векови. А со првиот кодификатор, Мисирков, се официјализира. Тоа се потврдува со неговата единствена книга „За македонцките работи“. Тој потекнува од Ениџе, Вардарско, и, знаете, кога се пишува и се зборува на роден говор, во Прилеп тоа многу добро го знаат, тогаш е најлесно да се изразиш на својот мајчин говор. Но, еден таков научен деец сметал дека научната, и воопшто, целата јавност, кога станува збор за јавен настап, треба да биде на еден кодифициран јазик. Па и тука е големината на книгата. Напишана е на тој, кодифициран јазик што го предлага Крсте Мисирков. Негирањето на македонскиот јазик очигледно е политичко прашање. Досега се објавиле голем број научни трудови. И ние не треба да докажуваме. Со самото тоа што со години работиме на сите јазични нивоа, со тоа е остварена најголемата потврда. Од друга страна, Блаже Конески се повикува на трите принципи што ги поставил Крсте Мисирков. А тоа го прави и целата „фела“ по ослободувањето. Со заеднички сили ја завршуваат, условно кажано, кодификацијата на македонскиот современ јазик, чии основи ги поставил Мисирков, вели Тантуровска.
Денес се оди во тој правец, да се докажува. Но, зошто да се докажува нешто што постои? – согласни се научните работници Крстеска и Тантуровска.
– Македонскиот јазик е дел од јазичното семејство, како на Балканот, како во Европа, така и во светот. Еве, неодамна заврши шестата Меѓународна конференција за македонски јазик што ја организира Институтот за македонски јазик, имавме голем број наши и пријатели од другите славистички центри од Европа и од светот. И покрај пандемијата, и годинава имавме учесници. Тоа зборува дека македонскиот јазик се истражува. Не зборуваме за потврда, туку за истражување. Се потврдува дека славистите и лингвистите сакаат да го истражуваат македонскиот јазик. Особено што го сметаат за егзотичен. Сметам дека македонскиот јазик има почитувачи, вели Тантуровска.
А ние? Што правиме да го зачуваме мајчиниот јазик? Се прави, ама недоволно. Потребно е, вели, подигнување на свеста кај сите, млади и стари, дека прво треба да се научи мајчиниот, а потоа, не е проблем, ќе се совладаат и другите странски јазици.
– Можеби е потребно совеста да се подигне на повисоко ниво. Нема убави и неубави зборови. Едноставно, треба прво да се учи мајчиниот, а потоа и другите јазици. Ако ги знаете граматиката, основите на македонскиот јазик, тогаш ќе ви биде многу полесно да ги учите другите јазици. Многу е важно да си го почитуваме јазикот, да се подигне свеста. Сите си го знаеме јазикот, сите си зборуваме. Но, многу е важно да се научи нормата на македонскиот јазик. Многу е важно правилно да зборувате. Една работа мора да ја истакнам, македонскиот јазик, како и сите други современи јазици е повеќе функционален. Кога одите на кафе со пријателката, вие ќе си говорите разговорно. Но, кога ќе застанете во јавност, кога гледа и слуша цел аудиториум, кога професорот ќе застане пред учениците, тоа сето треба да биде на стандарден македонски јазик. Така се одржува и така, условно кажано, се „брани“ македонскиот јазик, завршува професор д-р Лидија Тантуровска од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ од Скопје.
Филологот Виолета Крстеска од Институтот за старословенска култура од Прилеп и професорот Лидија Тантуровска од Институтот за македонски јазик од Скопје се недвосмислени: македонскиот јазик има длабоки вековни корени, нема што да се докажува докажаното, а во денешно време мајчиниот јазик се „брани“ со негова употреба, со секојдневен говор и употреба на стандардниот јазик и со почитување на еден од идентитетските нитки на еден народ – мајчиниот јазик.
Елизабета Митреска за МИА