Климатските промени одамна престанаа да бидат апстрактен глобален проблем и сè појасно се чувствуваат и во Македонија – преку повисоки температури, подолги сушни периоди, поинтензивни пожари, аерозагадување и деградација на природните ресурси. Заедничката порака од научниците, универзитетските професори и граѓанскиот сектор е јасна: трендовите се загрижувачки, причините се добро познати, решенијата постојат, но недостига системска координација, стабилно финансирање и вистински фокус на превенцијата и адаптацијата, наместо исклучиво на справување со последиците.

Климатските промени и загадувањето: невидлива врска со директни последици

Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, проф. д-р Дејан Мираковски, укажува дека поврзаноста меѓу климатските промени и аерозагадувањето сè уште е недоволно истражена, иако има директно влијание врз здравјето и квалитетот на животот. Тој посочува дека голем проблем претставува и недостигот од официјално верифицирани и достапни податоци. Според него, тврдењето дека со помало греење автоматски ќе се намали загадувањето не е целосно точно, бидејќи летниот период носи свои специфични предизвици поврзани со високите температури, зголемената брзина на ветерот и сушните услови.

– Кога податоците ќе се разгледаат по грејна и негрејна сезона, односно по годишни времиња, се гледа дека температурите во летниот период покажуваат значително поизразен раст во споредба со зимскиот период. Затоа, тврдењето дека со помало греење ќе се намали интензитетот на проблемите не е целосно точно, бидејќи летниот период носи свои специфични предизвици поврзани со високите температури. Слична состојба се забележува и кај брзината на ветерот, каде што зголемувањето е поизразено во летните месеци – вели Мираковски.

Иако податоците покажуваат значително намалување на концентрациите на ПМ10 во зимскиот период – за околу 50 проценти во последната деценија, благодарение на мерките како субвенции и промена на начините на греење, летниот период, според Мираковски, останува критичен.

– Иако има генерално подобрување, особено во зимските месеци, летниот период речиси и да не покажува напредок, а концентрациите остануваат високи. Иако има неколку години без надминување на старата годишна гранична вредност од 40 µg/m³, новите европски директиви ги намалуваат овие граници, што значи дека сè уште сме далеку од посакуваното ниво – нагласува тој.

Спиридонов: Климатските промени ја зголемуваат зачестеноста на екстремните временски појави

Проф. д-р Владо Спиридонов, кој е и член на Советот за безбедност, климатските промени ги става во поширок геофизички и безбедносен контекст. Според него, денес живееме во антропоцен – геолошка епоха во која човекот е доминантен фактор во климатскиот систем.

– Просечната температура на планетата веќе е зголемена за околу 1,5 °C, а концентрациите на јаглерод диоксид од прединдустрискиот период до денес се зголемени за приближно 50 проценти. Ова сериозно го нарушува енергетскиот биланс на Земјата и го прави климатскиот систем нестабилен. Клучниот проблем не е само порастот на температурата, туку и брзината на промената – околу 0,2 °C по деценија – објаснува Спиридонов.

Оваа динамика, вели тој, предизвикува повратни реакции во климатскиот систем и сè почести екстремни временски настани.

– Тие се манифестираат преку почести и поинтензивни суши, поплави, топлотни бранови и бури, но и преку промени во хидролошките, биолошките и јаглеродните циклуси, како и зголемена киселост на океаните – појаснува Спиридонов.

Според Светската метеоролошка организација, над 90 проценти од сите природни непогоди се од метеоролошка, климатска или хидролошка природа. Оттука, како клучно решение тој ја потенцира изградбата на интегриран систем за рано предупредување.

– Потребен ни е интегриран систем за рано предупредување, базиран на современа компјутерска инфраструктура, суперкомпјутерски центар, атмосферско-хемиски и хидролошки модели, сервери и ефикасен протокол за размена на податоци. Таков систем би овозможил повеќестепени, импакт-базирани предупредувања, насочени кон реалните последици по здравјето, инфраструктурата и економијата – вели Спиридонов.

Гледајќи кон претстојната летна сезона, тој посочува дека европските климатски центри укажуваат на зголемена веројатност за топлотни бранови, продолжени сушни периоди и зголемен ризик од пожари и поплави.

– Иако овие сценарија не се сигурни, тие бараат подготовка и сериозна институционална координација. Потребни се интегрирани институционални решенија, базирани на наука, технологии и соработка. Имаме капацитети, имаме експертиза и имаме ресурси – потребна е координација и подготвеност – вели тој.

Од реакција кон превенција: технологијата постои, но недостига поддршка

Проф. д-р Ивица Милевски од Институтот за географија при ПМФ – Скопје укажува дека современите технологии овозможуваат прецизно следење и предвидување на климатските промени и природните непогоди, но дека нивниот потенцијал во Македонија останува недоволно искористен. Тој нагласува дека, и покрај зголемената експертиза, најголем дел од истражувањата ги спроведува со ограничени ресурси и без соодветна институционална поддршка.

– Со оваа тема се занимавам повеќе години и сè повеќе се специјализирам во оваа област, но за жал најчесто работам сам. Немам соработнички тим ниту доволен број луѓе со кои континуирано би се развивале овие истражувања. Во светот, овие технологии за прибирање, обработка и анализа на просторни податоци се широко применувани и даваат одлични резултати, додека кај нас бројот на институции што ги користат или воопшто бараат поддршка за нивна примена е исклучително мал – вели Милевски.

Неговите анализи покажуваат дека климатските промени во Македонија одамна ги надминале теоретските рамки. Преку моделирање на температурните трендови за периодите 1961–1990 и 1991–2020 година, утврдено е дека е надминат критичниот праг од 1,5 °C.

Попладне и во текот на утрешниот ден ќе има нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, соопшти УХМР.

Како посебно алармантна ја издвојува состојбата во Скопје, каде што температурниот раст е јасно изразен во сите сезони.

– Во првата студија на климатологот Ангел Лазаревски, просечната температура за Скопје изнесувала 12,3 степени. Денес таа е околу 13,7 степени. Тоа е исклучително голема промена за релативно краток временски период и има сериозни импликации врз здравјето, урбаната средина и квалитетот на животот – истакнува Милевски.

Иако, како што појаснува, кај врнежите не се забележуваат драстични промени, температурните трендови, особено на повисоките надморски височини, се загрижувачки. Летните температури таму растат побрзо од очекуваното, што директно влијае врз снежната покривка и водните ресурси.

– На планините сè почесто гледаме намалено задржување на снегот и пократок снежен период. Тоа отвора сериозни прашања за оправданоста на изградбата на зимски туристички центри на локации каде снегот се задржува само еден или два месеца – предупредува Милевски.

Преку сателитските системи MODIS, Милевски развил и модели за појава и ширење на шумски пожари, кои покажуваат дека климатските услови сè повеќе одат во прилог на вакви екстреми.

– Само во 2024 и 2025 година беа зафатени навистина огромни површини. Анализите за подолг период покажуваат дека околу една четвртина од територијата на Македонија била погодена од пожари во последните 30 години, а во одредени подрачја тие се повторуваат повеќекратно – вели Милевски, посочувајќи на комбинацијата од антропогени фактори и климатски промени.

Според него, директно поврзано со климатските промени е и прашањето за водните ресурси.

– Сè уште ја сметаме водата за неисцрпен ресурс, но примерот со Преспанското Езеро покажува драстично намалување на нивото и влошување на квалитетот на водата во последните 30 години, со сериозни биолошки последици – нагласува Милевски.

Сите овие податоци, тој нагласува, се вградени и во студијата за климатските промени изработена за потребите на Просторниот план, каде што е развиен интегриран индекс на климатска ранливост.

– Подрачјата означени со црвена боја се најранливи и најризични, додека зелените, кои стануваат сè поретки, имаат помала ранливост. Овие карти се клучни алатки за креирање политики и насочување на мерките таму каде што се најпотребни – особено во контекст на аридизацијата и сушењето на подрачјата – заклучува Милевски.

Пожарите како климатски ризик: милионски штети и високи јаглеродни емисии

Деканот на Факултетот за шумарски науки, проф. д-р Никола Николов, алармира со бројки кои ја откриваат вистинската димензија на проблемот со пожарите.

– Во периодот од 1999 до 2024 година имаме фрапантни 270 илјади изгорени хектари шуми, што претставува 27 проценти од вкупната шумска површина. Просечно, годишно горат околу 10 илјади хектари шуми. Вкупната штета од пожарите во овој период се проценува на околу 270 милиони евра – вели Николов.

Пожарите, додава тој, не се само еколошки, туку и сериозен климатски проблем.

– Тие се извор на емисии на јаглерод и, според анализите што ги работевме, од 1990 до 2022 година околу 16 милиони тони јаглерод од Македонија завршиле во атмосферата – дополнува Николов.

Како дополнителни негативни влијанија од загубата на шумата и шумското земјиште, тој ги издвојува деградацијата, обесшумувањето, ерозијата на почвата, појавата на инсекти и болести и влијанието врз биодиверзитетот. Причините, според него, се длабоко структурни и се поврзани со напуштените земјоделски површини, демографскиот пад и акумулацијата на горлив материјал, кои создаваат пејзажи екстремно подложни на пожари.

– Тргнувајќи од причините за пожари, како што се палење земјоделски површини и пасишта, намерни палења, подметнување и невнимание, јасно е дека огромен дел од пожарите се предизвикани од човекот. Големите територии на напуштени земјоделски површини и села доведуваат до акумулација на горлив материјал – тоа е она што гори. Кога на овие социо-економски и демографски промени ќе се додадат климатските промени, ја добиваме целосната слика – појаснува Николов.

Прилепскиот кризен штаб бара воздушна поддршка во текот на утрешниот ден за да се справи со двата големи шумски пожари во околината на градот. Барањето, потврдува прилепскиот градоначалник Ил

Тој нагласува дека фокусот мора да се префрли од исклучиво гасење пожари кон системска превенција.

– Она што го утнуваме веќе добри две децении е неработењето со луѓето како главни предизвикувачи на пожари. Ние се занимаваме со последиците, односно со гасењето пожари, што всушност значи обид да се поправи пропуст кој претходно сме го направиле – вели Николов.

Појаснува дека за да се промени ова, шумарството треба да се престрои кон адаптивно шумарство во услови на климатски промени.

– Тоа треба да опфати три сегменти и со своето работење да придонесе за намалување и отстранување на емисиите на стакленички гасови. Кај нас, иако тоа не е најголемиот проблем, шумарството првенствено се занимава со гасење пожари, а треба да се обрне внимание на намалување на ризикот преку адаптивно управување со шумите. Потребно е да се води сметка за отпорноста на шумите – и кон климатските промени и кон други влијанија, меѓу кои и пожарите. Со тоа може значително да се намали ризикот од пожари. Третиот сегмент се однесува на управувањето со ресурсите, со што се подобруваат сите придобивки, односно сите услуги што шумите ги обезбедуваат – образложува Николов.

Пораките од научниците и практичарите се јасни, климатските промени веќе се реалност, нивните ефекти се мерливи, а Македонија има знаење и експертиза за соодветен одговор. Она што недостига е долгорочна визија преточена во координирана институционална акција – од податоци и модели, преку превенција, до политики што ќе ја стават природата во центарот на развојот. (МИА)