Добра работа и успех на македонската дипломатија, вака универзитетскиот професор, екс амбасадор во САД и поранешен вицепремиер за евроинтеграции Васко Наумовски го толкува актот со Извештајот за напредокот на Македонија во ЕП, кој ја мина првата пречка во Комитетот за надворешни работи со 40 гласа ЗА и 19 гласа ПРОТИВ.

Запрашан околу опозицискиот патетичен наратив и дали гласањето на Извештајот за напредокот на Македонија во Европскиот парламент може воопшто да се нарече „пораз“ или „шлаканица“, Наумовски е дециден:

-Напротив, не сметам дека ова е некаква „шлаканица“, туку е една добра работа за нас, затоа што ние успеавме – иако не сме дел до Европската Унија и немаме европратеници, за разлика од Бугарија која што е долги години таму и има свои европратеници и воспоставени свои односи со останатите делегации на државите членки, успејавме да ги претставиме нашите аргументи, пред се затоа што тие аргументи се аргументи засновани на реалноста. Иако е апсурно ние во 21-от век во 2025-та година да разговараме за постоењето или непостоењето на различни идентитети или јазици, сепак, имајќи ги соседите такви какви што ги имаме, принудени сме да ги презентираме аргументите кои што за сите други држави во Европа, за членките на ЕУ и за кандидатите се нешто што не се оспорува. Отаму сметам дека ова е еден успех на нашата дипломатија,а останува да видме како ќе се одвива понатаму, борбата продолжува, вели Наумовски во „За или против“ со новинарот Љупчо Цветановски.

-Доаѓаме до еден момент во кој гледаме дека соседна Бугарија во суштина, противејќи се на оваа формулација дека постои македонски јазик и идентитет, односно обидувајќи се да го сведе на некоја „модерна“ варијанта и обидувајќи се да покаже дека македонскиот јазик е нешто релативно ново, современо и не постоело во минатото, во суштина ги открива своите аргументи дека дури и да ги внесеме Бугарите во Уставот тие ќе имаат некакви нови и нови барања. Така што оној ентузијазам што позтои кај нас за влез во Еу е судрен со Бугарија и можеби и некои други членки на ЕУ кои ќе поставуваат нови барања со кои ќе се обидат да ја блокираат нашата евроинтеграција, потенцира проф. д-р Наумовски во ТВ Алфа.