Поранешниот вицепремер за евроинтеграции и амбасадор, професорот Васко Наумовски во „Наткаст“ на Курир со Љупчо Цветановски вели дека изминативе месеци се спроведува засилена дипломатска активност со многу средби.

Смета дека поради тоа сега и високите претставници на европските институции и многу челници на државите на земките членки на ЕУ се запознати со нашата позиција.

-Не секогаш можете да очекувате вашите позиции да доминираат во конечните решенија, меѓутоа во минатото ние имавме една ситуација кога безрезервно се прифаќаа многу предлози кои доаѓаа од други страни. Наместо тоа ние имаме, би рекол, една потврда позиција од нашата влада која не е расположена толку брзо и толку лесно да попушта во односите со други држави, вели Наумовски во „Наткаст“.

Екс амбасадорот на Македонија во САД нагласува дека честопати тенденциите да се претстави сликата дека ние треба да го затвориме прашањето, доведува до прифаќање на се’ што бара другата страна, како во случајот со договорот со Грција. Според него тоа е најлесниот начин, но е завршен на наша штета, а таквиот начин на завршување отвора нови проблеми.

-Денеска сме заглавени во односите со Бугарија затоа што при потпишувањето на тој фамозен договор во 2017 година, беше прифатено се’ она побара Бугарија од нас. Иако тогаш многумина предупредуваа дека не треба да се прифати, дека треба да се вклучи опозицијата и на тој начин да се зајакне позицијата на државата во меѓународните разговори, сепак тоа беше игнорирано. Сега фактурата пристигна, се’ она што претходно било направено како грешка, сега доаѓа за наплата. Има една народна поговорка која вели „Она што една будала ќе го заплетка, ниту 100 паметни не можат да го отплеткаат“. Но, задачата на оваа влада е таква, не може да ги игнорира проблемите, мора да се обиде да ги решава. Во тој контекст сметам дека засилената дипломатска активност за претставување на нашите позиции, ако ништо друго, дава една поизбалансирана слика. Имаме една нова влада во Бугарија. Лично сметам дека таа нема да го издржи тој четиригодишен мандат, меѓутоа подобро е да имаме каква-таква политичка влада отколку онаа техничка преодна влада, вели Наумовски во „Наткаст“.

Тој анализира дека благодарение на личните односи, на двете владејачки партии, ВМРО-ДПМНЕ и ГЕРБ и во рамките на ЕПП, даваат една подобра можност да создавање на добра атмосфера, а со тоа и можност за евентуално отворање на некое од претходно затворените прашања.