Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални ја обвини власта во Русија дека го „киднапирале“ неговиот соработник, активистот Руслан Шавединов и го испратиле на служење воен рок во база на Северниот пол.
Шавединов во понеделникот е уапсен во својот дом во Москва и со авион префрлен до архипелагот Нова Земја во Арктичкиот Океан, оддалечен 5600 километри од Москва.
Најголемиот противник на рускиот претседател Владимир Путин, Алексеј Навални ја обвини власта за киднапирањето на Шавединов кој бил ослободен од воена служба.
Служењето на воен рок со траење од 12 месеци во Русија е задолжително за сите машки лица помеѓу 18 и 27 години.
Шавединов до сега работеше како менаџер на проектот „Фондација за борба против корупција“, која ја води Навални.
Судот во Москва, во понеделникот ја одби жалбата, со која Шавединов барал да не оди во војска од здравствени причини.
Навални рече дека Шавединов го повикал по телефон, кој успеал да го позајми и му рекол дека бил одведен во една база во регионот на Северниот пол.
Според Навални, Шавединов му рекол дека е под постојан надзор и дека на еден човек му било назначено да го следи секаде каде што оди, дури и во тоалетот.
-Телефонот на Шавединов беше запленет иако на војниците им беше дозволено да имаат телефони под услов да не користат интернет, додаде Навални.
Како што истакнува Навални, на Шавединов му било дозволено да шета пред касарната, но температурата денес беше на минус 27 степени.