Навивачката група „Шверцери“ ја демантира тенденциозната пропаганда против нашата прослава на 30 години од нашето постоење. Сите снимки, а посебно нашата снимка половина час по настанот во празната сала, ги демантираа тенденциозните известување за наводното демолирање, вандализам и дивеење.
Ова се истакнува во реакцијата на навивачката група Шверцери од Скопје на социјалните мрежи.
-Се констатира дека немало вандализам и дивеење, ниту намерно предизвикана штета, туку само пеење и скандирање како начин на изразување во навивачката култура насекаде низ свет. Да ги разјасниме дилемите, Организатор на настанот сме ние, навивачката група „Шверцери“, и на тој настан беше прикажан краток документарен филм како и беа доделени признаници на еминентни личности од фудбалскиот живот кои го дале својот допринос за нашиот клуб. На настанот како гости ги поканивме сите играчи и тренери, сегашни и поранешни, на нашиот клуб, поранешното и сегашното раководство на клубот, градоначалници и пратеници, и др, кои што не удостојија со нивното присуство, тврдат од навивачката група.
Шверцери порачуваат дека штетата може да ја направил било кој на претходните настани.
-Чудни се заклучоците без записник на состојбата на салата пред и по настанот, и со намерна пропаганда три дена по настанот, на кој што нема забележано ниту еден инцидент во ниту еден билтен. Сомнително е исто така пријавувањето на наводна штета три дена по настанот што остава простор за размислување дека “штетата” можела да биде предизвикана и пред, и по нашиот настан, слично како на сериозните оштетувања од негрижа на објектот надвор и внатре. Ние бевме во театарот да прославиме јубилеј, а не да рушиме, дивееме, вандализираме, порачуваат тие.
Пред овој настан, во МНТ се одржа настан на кој присуствуваше премиерот Зоран Заев.
На настанот на кој тој присуствувал, заедно со министри и други јавни личности, Владата со МНТ потпишала Договор за одбележување на Денот на албанската азбука.