Екипата на Далас, предводена од Лука Дончиќ, триумфираше синоќа над Лос Анџелес Клиперс со 113:103 во првиот натпревар од доигрувањето во Западната конференција во НБА лигата, а стартни победи во плејофот забележаа и Портланд, Бруклин и Милвоки.
Словенечкиот кошаркар беше најзаслужен за триумфот на Далас, завршувајќи го мечот со трипл-дабл ефект од 31 поени, 11 асистенции и десет скокови. Вториот натпревар се игра во вторник, повторно во Лос Анџелес.
Кошаркарите на Бруклин, исто така, славеа во првиот натпревар од доигрувањето на Истокот, забележувајќи победа на домашен терен над Бостон со 104:93. Кевин Дурант беше најефикасен во победничкиот тим и на теренот со 32 поени, додавајќи и 12 скокови.
Портланд во првиот натпревар од доигрувањето на Западот како гости со 123:109 го надиграа Денвер, а до победата и водството од 1:0 во серијата ги предводеше Дамиан Лилард со 34 поени и 13 асистенции. Никола Јокиќ во редовите на Денвер го заврши мечот со 34 кошеви и 16 скокови.
Во првиот плејоф натпревар одигран синоќа во НБА лиагата, финалистот од ланската сезона Мајами го отвори доигрувањето со пораз од Милвоки од 107:109 по продолжение.