Монетарната политика во земјата е соодветна. Со монетарното олабавување остварено во првиот квартал од оваа година, Народната банка повторно испорача клучна поддршка за вкупната активност во македонската економија. Важно e и што успешното одржување на ниска и стабилна инфлација и поволната позиција на билансот на плаќања, годинава, редовно придонесуваат за интервенции со откуп на девизи од страна на Народната банка на девизниот пазар, соопшти Народната банка.
Главно како резултат на овие интервенции, постигнато е историски највисоко ниво на девизните резерви на земјата. На крајот на август, првпат досега, тие изнесуваа над 3 милијарди евра. Нивниот раст продолжи. Според најновите податоци, заклучно со минатиот месец тие изнесуваат 3 милијарди и 127 милиони евра. Високото и според сите показатели адекватно ниво на девизните резерви е цврста гаранција за стабилноста на денарот. Ова, меѓу другото, беше истакнато на состаноците со високи претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) коишто ги оствари делегацијата предводена од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии, Нина Ангеловска, во рамки на Годишните средби на ММФ и Групацијата на Светската банка (СБ) во Вашингтон.