За време на последниот Совет на ЕУ имаше приговори што доаѓаа од три влади на земји-членки на ЕУ и овие предлози не доведоа до заклучување на одлуката. Во суштина немаше „Не“ за датум, немаше негирање на прашањето за започнување преговори, но имаше еден вид условување, дека нешто повеќе треба да се стори. Во овој момен тие влади се во фаза на предомислување, односно ги разгледуваат одлуките што ги донеле, но морам да нагласам дека не слушнавме едно изрично „не“.
Ова беше пораката на претседателот на Европскиот Парламент Давид Сасоли на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев.
– Ние сме убедени дека овој процес може и да запре, тоа е нашиот страв, и верувам дека некои нивни причини што беа изложени треба да се разгледаат исто така верувам дека тие приговори на трите членки може да бидат надминати, рече Сасоли и повтори оти имало само одлагање на одлуката, а не нејзино одбивање.
Оцени оти тоа што тие земји не ги надминале приговорите до Советот на ЕУ, не треба да се смета како пораз, туку еден вид на застој во процесот, како што и често се случува во демократските земји.
Претседателот на Европарламентот е дециден дека прашањето за проширувањето ќе биде покренато во мај пред Советот на ЕУ, на Самитот во Загреб.
– Ние сме вложени и посветени на овој процес што јас се надевам, како што и сите се надеваме дека ќе се оконча и заклучи на просперитетен и позитивен начин. Владите на овие земји кои ја изразија својата воздржаност и резерва, сега во моментот се во фаза на проценка и разгледување на нивната одлука. Ова е момент што говори за голем оптимизам и доверба, истакна тој.
Во однос на тоа дека нема скратен пат за Македонија и Албанија да стигнат до ЕУ и оти не е можно одвојување на тие земји, Сасоли рече дека постојат извесни процедури во пристапните процеси, кои можат да бидат разгледани и модифицирани дури и упростени.
– Ние сме во рамки на еден процес во кој ЕК го состави овој пакет. Ние треба да искажеме став по прашањето на овој пакет и доколку процесот започнеше на поинаков начин ние ќе се произнесевме на различен начин. Но сега објективно во овој момент не е можно, и мислам дека дури не е ни пожелно. Но ова не значи да не се земат предвид и да не се проценат на индивидуален начин вредностите и заслугите на овие две земји. Ако ги прочитаме изјавите на претседателот на ЕК, на претседателот на Советот на ЕУ и на претседателот на ЕП, заслугите се признати и на Македонија и на Албанија. Значи не станува збор за заслуги, тие се признати, сега ни имаме задача да продолжиме по овој пат и верувам дека тие приговори кои беа покренати од овие три влади за Северна Македонија и Албанија ќе бидат лесно и брзо совладливи, истакна Сасоли одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев.