Со собир пред Собранието на Република Македонија, група граѓани побараа „слобода“ и „правда“ за обвинетите за настаните во Собранието на 27 април 2017 година.
Преку транспаренти „Не требаше ни ден да бидат во затвор, а не со години“ тие побараа ослободување на обвинетите.
– Од тој 27 до денес искрвари Македонија, тие се обидоа да го спречат тоа, слобода за нашите браќа, пишуваше на еден од транспарентите.
За „крвавиот четврток“ во 2017 година беа обвинети 33 лица, од кои, во пресрет на потпишувањето на Преспанскиот договор со Закон за амнестија беа помилувани 15 лица меѓу кои и петмина пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. За 16 осудени за „тероризам“ судот донесе пресуда со вкупно 188 години затвор.
Другиот предмет се однесуваше на организаторите на упадот, за кои во 2021 година Основниот кривичен суд Скопје изрече 25 години затвор. Станува збор за поранешните функционери Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Апелацискиот суд годинава ја укина првостепената пресуда и овој предмет беше вратен на повторно судење. Оттаму посочија дека Основниот кривичен суд требало во поголема мера да го разгледа прашањето за одредбите кои се однесуваат за амнестија на кривичното гонење.
Во меѓувреме, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ неодамна побара амнестија за осудените, Предлог-закон кој поради недоволен број на гласови не помина во Собранието.