НЕДЕЛКОВ: Денеска е денот Д, за синдикална борба за социјални права, за себе, за семејството, за учениците и родителите и за општеството

/ 11.04.2022

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков утринава се огласи преку социјалните мрежи на денот на почетокот на генералниот штрајк.

-Денес е денот,,Д”, ден кога ја започнуваме синдикалната борба за остварување на своите социјални права, за себе, за семејството, за дејноста, за учениците и родителите, за општеството….. Да бидеме храбри како што сме, сплотени и единствени и да стасаме што побрзо до посакуваната цел. „Со ука, наука и култура заедно сме во секоја бура“. Среќно, напиша Неделков на Фејсбук.

СОНК денеска започна со генерален штрајк во сите установи на национално ниво во дејностите детска заштита – градинки и во основните и средните училишта, со неизвршување на работните задачи на работното место, што според најавите ќе трае се додека не се изнајде соодветно прифатливо решение за двете страни.

Од Синдикатот се одлучија на ваков чекор откако на неколку средби со ресорните министерства и Владата не беше постигнат договор во врска со нивното барање за зголемување на платите во образовниот сектор за 18,4 проценти. Од Синдикатот посочуваат дека целата на ова барање е усогласување на останатите плати со порастот на минималната плата во државата од 15.199 на 18.000 денари, што веќе стапи во сила.

– Штрајкот во училиштата и градинките е почнат, од тоа што досега ми е пратено како порака од најголемиот дел колеги, така е како што планиравме. Во најголем дел или огромен дел се штрајкува без сериозни проблеми, изјави за МИА Неделков.

Подоцна денеска СОНК ќе има прес-конференција на која ќе информира за оценка за штрајкот и евентуално за проблеми.

-Евентуално, ако имало конфликтна ситуација или вршење притисок врз оние што штрајкуваат да мора да се прифаќаат децата.  Ние рековме дека штрајкувачите ќе бидат во посебна просторија. Одговорноста за прифаќање на учениците односно на децата во градинките ќе биде на директорите. Не може по секоја цена или со сила да ги приморуваат штрајкувачите да прават тоа што не треба да прават за време на штрајкот, додаде Неделков.

Генералниот штрајк во училиштата и градинките СОНК го организира бидејќи не е исполнето нивното барање веднаш да се  зголемат платите на вработените во образованието и градинките за 18,4 проценти, односно нивно усогласување со порастот на миниманата плата, која од овој месец е зголемена од 15.200 на 18.000 денари, како и дополнително – минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефицинетите на сложеност на работни места.

Преговорите меѓу СОНК и Владата во изминатите две недели завршија без договор. По последната средба минатиот понеделник, Неделков рече дека нема краткорочно решение со кое веднаш ќе се зголемат платите на дејностите што ги застапува Синдикатот, кој поради тоа денеска го активираше најавениот штрајк.


Од истата категорија