Скратената наставна програма предвидува наставната содржина да се реализира во целост во позбиена форма или со поголема динамика, истакна денеска претседателот на Самостојниот синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков.

Нашето убедување како наставници, посочи, е дека учениците нема да бидат скратени од понудата и можност да надоместат за тоа што сега го имаат изгубено.

– Имаме искуство, сме работеле и друг пат во такви услови и за време на пандемијата кога наставните часови беа 30 минути, а требаше истата содржина да се реализира во рамки на 30 минути. Досега наставниците имаат изгубено зависи кој наставен предмет, еден, два или три, еветуално пет наставни часа ако е математика или јазик меѓутоа секој од наставниците знаат како тоа да го надоместат, рече Неделков, одговарајќи на новинарски прашања.

Тој на прес-конференција соопшти дека генералниот штрајк на СОНК ќе продолжи и понатаму и оти Советот на СОНК  одлучил да не го прифати предлогот на Владата за 10 процентно зголемување на платите, со кој би се прекинал штрајкот почнат на 11 април. СОНК веќе направи отстапка кога побара платите да се зголемат за 18,4 отсто, наместо да се усогласат според растот на минималната плата, по што платите на некои категории наставници би требало да бидат и над 40 000 денари.

СОНК со тоа покажа разбирање на економската ситуација во која се наоѓа државата, но наставниците низ Македонија го предупредија Неделков да не ни помислува да прифаќа помалку од 18,4 отсто.

Реагираше и Владата која исткан дека во преговорите со СОНК понуди зголемување за 10% на платите кои ќе се обезбедат со ребалансот на Буџетот. Понатаму, Владата истакнува:

„Тоа значи дека наставниците и воспитувачите би добиле просечно зголемување за 2.500 денари на нивните месечни примања. Воедно и методологијата со која Владата ќе обезбеди континуиран раст на платите, ќе обезбеди трајно решавање на социјалниот статус на вработените во образование.

Синдикатот треба да има верба во институциите, бидејќи и претходно низ партнерски дијалог беше постигнато зголемување на платите на наставниците и на вработените во градинките од 21 %. Со ова зголемување платата на наставник/чка во основно образование е порасната за над 3.200 денари плус минат труд и сега е најмалку 24.786 денари. На наставник/чка во средно образование зголемувањето е над 4.300 денари плус минат труд и просечно платата е 25.874 денари. На воспитувачите пак во градинките платата им е зголемена за околу 6.400 денари плус минат труд, додека на негователите за околу 5.000 денари.

Дополнително што сметаме дека е исклучително важно кога зборуваме за подобрување на статусот на вработените во образованието, според воспоставената пракса од оваа Влада, во периодот од 2018 година до 13 април годинава на неопределено време се вработени вкупно 2.375 лица, што е половина од вкупната бројка на вработени во градинките која се движи околу 4.600. Меѓу нив има работни места кои се трансформирани од определено на неопределено, но и отворени се нови вработувања. Дополнително во истиот период се обезбедени 416 согласности за унапредување на кадарот.

Владата смета дека е неодговорно и покрај понуденото решение за раст на платите во образованието и детската заштита и воспитание да се продолжи со штрајкот и да се руши веќе воспоставениот образовен процес во услови кога се соочуваме со економска и здравствена криза. Најдобриот интерес на децата треба да ни е на прво место, бидејќи правото на образование на секое дете е уставно загрантирано право. Учениците треба да се вратат во училиштата, таму каде што припаѓаат.

Со продолжувањето на штрајкот и одбивањето на понудата на Владата со која се отвора простор за трајно решавање и подобрување на стандардот на вработените во образованите, ризикот за продолжување на училишната година е особено извесен. Во овој контекст, несериозно е да се ставаат во ризик и да им се прави штета во личниот развој на децата кои треба да го продолжат образованието, да се запишат во средните училишта, да полагаат матура и да се запишат на факултетите во земјава и странство.

Дополнително, согласно Законот за работни односи и Колективниот договор за основно и средно образование, и за вработените во јавните установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, на вработените кои штрајкуваат ќе им се исплатат само придонесите на платите. Ова произлегува од одлуката на СОНК да организира и одржува генерален штрајк за унапредување на правата на работниците, а во периодот од шест месеци од донесувањето односно зголемувањето на минималната плата. Законската обврска за усогласувањето е шест месеци од донесувањето, односно зголемувањето на минималната плата и Владата, а министерствата и СОНК сѐ уште преговараат во овој законски предвиден рок.

Децата и учениците треба да ни се на прво место, затоа нарушувањето на образовниот процес е спротивно на правата загарантирани со Уставот и Законите. Местото на учениците е во училиштата и настава мора да има.“