Наставниците нема да штрајкуваат иако нема ветување за повисоки плати. За сега се преговара, но не е исклучена и оваа можност. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков во интервју за РСЕ вели дека ќе чекаат министерката да излезе со предлог до средина на септември, а тврди дека до сега не добиле никаков одговор освен дека нема пари во буџетот.
Утре започнува учебната година и многумина се прашуваат дали е возможно просветните работници да штрајкуваат со оглед на тоа што власта не отстапува од ставовите дека нема да има покачување на платите. Што се случува на преговорите?
Тоа што сите во јавниот сектор го добија во мартовската плата 2024 година, а тоа е усогласувањето на платите согласно закон со минимална плата СОНК или просветните работници го добиваат во септември што значи во законскиот рок од март до септември односно во рок од шест месеци треба да се усогласиме и очекувањата на сите вработени во дејноста образование е да се покачат платите или да се усогласат што е поточно.
Колкави се платите во образованието, во основното во средното и колкаво би било тоа покачување?
Основната плата без никакви додатоци во основното образование е некаде 33 500 денари во средното е 34 600 денари. Тоа се основните плати кои се релативно ниски во однос на другите плати и во регионот, а и во однос на други дејности на некои други дејности кои отстапуваат од дејноста образование така што сметаме дека како важна гранка во општеството образованието вработените треба многу многу повеќе да имаат плати.
Цврст е ставот на власта дека нема пари во буџетот за овие покачувања, а вие велите законот е таков што предвидува 12 проценти. Може ли да се случи да се оди на таа најнепосакувана мерка и да се штрајкува. Сите се заинтересирани и родители и ученици но и вашите колеги.
СОНК нема донесено одлука дека ќе примени некакви порадикални мерки,се мисли на протест или штрајк така што тука не треба да има загриженост на родителите за почетокот на учебната година.
Ние како што и претходно најавивме ке бидеме и сме конструктивни како социјални партнери со Министерството за образование и со Владата и очекуваме на средината на септември некаде да ги заокружиме преговорите или договорите во однос на зголемување на платите.
До каде може да одат отстапките, бидејќи вие барате и усогласување со минималната плата?
Ние 12 проценти ги бараме согласно закон за минимална плата и тука нема ништо спорно. Е сега до каде би оделе, апсолутно не знам до каде би оделе кога немаме понуда од другата страна, некаква алтернатива до каде би можеле да бидеме попустливи. Нема пари во буџетот, еве сега со септемвриска плата би прифатиле некој процент останатите од јануари претпоставувам кога би имало таков предлог.
Но се уште таков предлог немаме, за да бидеме толерантни и отстапливи во однос ќе кажам и во однос и на учениците и на родителите и на просветните работници а секако и на владата за да излезе во пресрет.
Едно од вашите барања е и потпишувањето на колективните договори. Дали имате информации дали ќе се потпишат со оглед на тоа што се веќе изработени?
Ние со минатото раководство на Министерството за образование веќе изработивме предлог колективни договори кои впрочем беа и на јавна расправа. Тие не ги потпишавме од две причини. Првата најголема причина беше поради тоа што му истече решението за репрезентативност на СОНК, меѓутоа комисијата за репрезентативност вршеше опструкции и не се состануваше.
Немам што да кријам дека Сојузот на синдикати на Македонија, кој би требало да ги штити вработените во државата правеше опструкции, не сакаше да доаѓање на комисии кога имаше докажување на репрезентативност.
Таа беше најголемата причина за непродолжување на договорите. Втората причина беа финансиските импликации кои ги повлекуваат овие нови колективни договори за кои сметам дека во тој период ќе можеше и да се изнајдат многу слично како што се изнајдоа преку ноќ средства за високото образование и науката.
Во дел од училиштата има повеќе наставници од тоа што е потребно со оглед на тоа што има големо иселување и мал број на ученици. Каква е состојбата, во дел од општините веќе се носат одлуки да се намали бројот на ученици по паралелка?
Ова е навистина многу сериозен проблем кој што треба заеднички да го решаваме, а и почнавме веќе да го решаваме и со претходната власт и со претходниот министер и секако со новата министерка Весна Јаневска. На сите ни е јасно што се случува во Македонија, пред се има децениска „бела чума“ дополнително е проблем масовното иселување или миграција, не на поединци туку на цели семејства. Наспроти тоа вработените се тие кои што мора дали за 5 или 25 деца тие мора држат настава.
Од таа причина ние разговаравме со Министерство за образование но мерките кои се предвидуваат е да се забави трансформација на работни договори кај вработените. Тоа значи секаде онаму каде што е релативно мал бројот на учениците да се забави да по природен пат на некој начин со самото одлевање или одење во пензија да се формираат паралелки како никој не би останал технолошки вишок.
Тоа е една работа, а втора работа е онаму каде што се остава простор каде има повеќе фонд на часови а наставници од истата или соседната општина да доаѓаат односно да се префрлаат.
Имаме и статистика во однос на пропорција меѓу ученици и наставници во Македонија е 1:9, а просекот во Европската Унија е 1:19, Значи имаме скоро дупло повеќе вработени. Тоа не значи дека тие сите се вишок и треба да си заминат дома, со оглед на тоа што имаме рурални средини и за неколку ученици мора да доаѓаат наставници особено од петто до деветто каде има предметни наставници.