Колекционерот на стари автомобили Дионис Пашлаков, за кој дозна целиот свет и беше снимен документарен филм, бара решавање на проблемот со инфраструктурата во индустриската зона во Неготино.

– Упатувам јавен апел до локалната самоуправа на Неготино за разрешување на проблемот со инфраструктурата во индустриската зона „Индустрија 8“. Имено, оваа градежна зона скоро 20 години стагнира потполно. Таа е изолирана од градот, иако е составен дел од него, без улици, водовод, канализација и струја, вели Пашлаков.

Во зоната, додава,  долго работат повеќе од 14 фирми, снаоѓајќи се сами со обезбедување основни услови за опстанок.

– Со вода се снаоѓаат така што скоро сите имаат свои бунари, струја се позајмува од постоечки објекти, а како канализација се користи природната вода која протекува по природниот канал кој сега е запоставен и обраснат со растенија, треви, трска, капини и други растенија кои го попречуваат нормалниот тек на водата, што пак предизвикува поплавување на подрумските простории на некои објекти, нагласува пензионираниот професор.

Тој упати апел до двете најголеми партии во градот да го стават во своите програми комплетното  активирање на музејот за олдтајмери како најголема уникатна туристичка  атракција во државата од историски и културен аспект.

Според Пашлаков, штета е што се занемарува оваа, како што вели, единствена колекција во земјава и пошироко „иако претставува најинтересна понуда на Неготино за домашните и странските туристи кои  минуваат во огромен број”.