Општина Неготино организира избор на најдобри вина и ракии од индивидуални производители.
Како што информира Службата за односи со јавноста на локалната самоуправа, активностите се во чест на верскиот празник „Свети Трифун” кој се смета за заштитник на лозарите. Тогаш симболично почнува и закројувањето на лозјата.
Дегустацијата и изборот на најквалитетните вина и ракии ќе ги врши стручна комисија од Здружението на енолози, а Општина Неготино за најдобрите ќе обезбеди пригодни награди.
Општината го соопшти и начинот на кој сите заинтересирани производители ќе можат да учествуваат на натпреварот со свои мостри од бели, црвени вина и ракии од реколтата 2021 година.