Неисправни сопирачки на автобусот и недозволена брзина на движење, како и пропусти во работењето на компанијата, се главните причини за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари, а во која загинаа 15 лица, соопшти обвинителот Сашо Рајчев од скопското Обвинителство.
„Според вештите наоди и мислења, евидентирани се кочења кога автобусот ја преминал заштитната ограда во двете насоки. Но, брзината не му овозможила да го сопре автобусот пред да се преврти“, рече Рајчев.
Истрагата покажала дека возачот се движел со брзина од 99 километри на час иако на автопатот било дозволено возење со 80 километри на час и дека го активирал уредот за манипулација на тахографот за да не ја прикаже вистинската брзина на движење. Поради големата брзина, тој изгубил контрола и излетал со автобусот во бездна.
Рајчев соопшти дека седум лица се приведени во врска со несреќата, меѓу нив се и возачот на автобусот и сопственикот на компанијата „Дурмо турс“. Шестмина се осомничени за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а седмото лице е осомничено за несовесно работење во службата. Сите седуммина денеска ќе бидат изведени пред судот. За шестмина Обвинителството побара притвотр, а за седмиот осомничен побара определување мерки за претпазливост.
Сопственикот на „Дурмо турс“ е првоосомничен. Тој не го организирал автобускиот превоз врз основа на законските прописи и му го препуштил раководењето на возниот парк на второосомничениот – раководителот на правното лице. Според истрагата, сопственикот не се грижел за исправноста на тахографот. Исто така, и двајцата знаеле дека не е исправен уредот за сопирање, ама не презеле ништо.
Трето, четврто и петтоосомничениот се вработени во станицата за технички преглед. Во јули и декември 2018 бил извршен технички преглед на автобусот и било забележано дека има проблем со сопирачките, но сепак издале документ дека автобусот е исправен.
Шестоосомничен е возачот, а седмото лице е осомничено дека издало потврда оти тахографот во автобусот е исправен, без да спроведе проверки.
Обвинителството ја продолжува истрагата. Рајчев рече дека и денеска ќе бидат сослушувани сведоци.