Пред пет години кога СДС дојде на власт во „нашата земја“ никој не можеше да поверува дека државата ќе се врати назад 30 години во сите сегменти на општеството.

Во областа на енергетиката, никој не предвидуваше дека ќе се вратиме назад во 80-тите години, во периодите на недостатоци и рестрикции на електрична енергија.

Граѓаните денес се наоѓаат среде енергетска криза, исправени пред можните рестрикции на електрична енергија, ги очекува студена зима и поскапување на електричната енергија.

Пред само две години граѓаните наивно ги оставија шпоретите на дрва на Дрисла со желба да живеат во некаков модерен холивудски филм.

Скапиот филм беше платен со 10 милиони евра од касата на ЕЛЕМ, кои се потрошија за инвертори за греење.

Се разбира, инверторите зимава нема да работат ако нема електрична енергија.

Можеби на некој ќе му текне да земе уште 10 милиони евра од контото на ЕЛЕМ и да направи нова акција „Врати го инверторот земи шпорет на дрва“.

Да не беше тажно, ќе беше смешно.

На јавноста и се продава филм за транзиција на производството на електрична енергија.
Последните случувања во енергетиката покажаа дека и далеку посилни држави нема да можат толку лесно да ја спроведат посакуваната транзиција и да се откажат од јагленот.
Единствено лесно се откажуваат од јагленот оние кои не ја познаваат доволно проблематиката.
Под плаштот на транзицијата на производството на енергија од јаглен кон обновливи извори, СДС прави транзиција на капиталот на државата во рацете на сопствената олигархија.
Зборот транзиција во 90-тите се користеше во смисла на транзиција на капиталот од државата во приватниот сектор и добро знаеме како тоа СДС го спроведе и колку беше болно за десетици илјади вработени.
Денес зборот транзиција се користи во смисла на транзиција на производството на електрична енергија од јаглен кон обновливи извори на енергија, но очигледно е дека не очекува сличен расплет како транзицијата од 90-тите.
Ниту „експертите“ и медиумите не спомнуваат дека транзицијата од јаглен кон обновливи извори всушност претставува транзиција на државниот капитал по приватни џебови, и тоа најверојатно кај олигархијата на СДС.
Граѓаните треба да знаат дека единствена компанија која може да ги снабди со доволни количини на енергија и со доволно ефтина енергија е единствено ЕЛЕМ.

Единствениот заштитник за граѓаните во ваквата ситуација може да биде ЕЛЕМ.

Затоа СДС свесно го носи кон пропаст овој гигант.

ЕЛЕМ треба да падне за елитата на СДС да се богати со продажба на скапа електрична енергија на граѓаните.

При доаѓањето на власт СДС го презеде ЕЛЕМ со позитивно салдо од 80 милиони евра со полни акумулации, со активни рудници за јаглен и со производни капацитети во извонредна кондиција.

Денес ЕЛЕМ е најголемиот загубар во Р. Македонија, во 2020 година беше во загуба 20 милиони евра, а лесно направи уште 20 милиони евра загуба само во изминатиот октомври.

За да биде уште пострашно акумулациите се на најниско ниво во историјата од 10%, јаглен на депониите во Битола и Осломеј има за неколку дена, а блокот три имаше тешка хаварија на трансформаторот.
Пропаста на ЕЛЕМ започна пред неколку години со новиот Закон за енергетика кој го донесе СДС.

Со тој закон ЕЛЕМ стана измеќар на ЕВН и се обврза во моменти кога цените на берзите се над 250 евра да и продава енергија на ЕВН за 36 евра. Ако се знае дека производната цена на ЕЛЕМ е поголема од 50 евра лесно може да заклучиме каде го води оваа цена ЕЛЕМ.

Никој не може да го убеди народот дека триото Заев, Анѓушев и Ковачески заедно, не знаат дека 36 е многу помало од 50.

Никој не може да го убеди народот дека овие тројца ликови ја одведоа свесно кон пропаст најголемата државна компанија во Македонија.
Производното портфолио на ЕЛЕМ е статус кво и не е изграден ниеден нов капацитет во последните пет години.

Единствен енергетски проект кој ЕЛЕМ се обидува да го изгради е соларната електрана во Осломеј. Во медиумите оваа мала соларна електрана што треба да се изгради се претставува како некаква победа, односно како транзиција на производството на електрична енергија, од јаглен кон обновливи извори.

За каква транзиција се работи е доволно ако се забележи дека таа годишно ќе произведува околу 15 GWh електрична енергија, што претставува 40 пати помалку од просечното производство на ТЕЦ Осломеј.

Со други зборови треба да се изградат 40 вакви соларни електрани за да се замени производството на ТЕЦ Осломеј.
Ако ги гради Владата на СДС со оглед на тоа што им требаат 5 години за 10 МW, тогаш би им требале околу 200 години за да изградат соларни електрани кои ќе го заменат ТЕЦ Осломеј.

Од друга страна, ЕЛЕМ непотребно се турка во неколку проекти за јавно приватно партнерство за нови соларни електрани во Осломеј, како и учество во гасната термоцентрала во Александрополис. Овие јавни приватни партнерства ќе го заглават ЕЛЕМ во непотребни правни лавиринти во наредните години.

Во меѓувреме владата на Заев смисли нов Закон за стратешки инвестиции со кој ќе ја доуништи енергетиката во државата и ќе го доведе ЕЛЕМ кон неизбежна пропаст.

Законот за стратешки инвестиции изгледа како одлично смислена алатка за легализација на корупцијата. Со него се ставаат во служба на приватните инвеститори, сите државни институции, министерства и агенции со цел побрза изградба на приватни објекти. Истовремено тој се користи за забрзана приватизација на производството на електрична енергија.

Логично се наметнува едно прашање:

Зошто законот не се користи за изградба на нови производни капацитети во сопственост на државата ?

Додека јавноста е презагрижена како ќе се преброди оваа енергетска криза, дали ќе се санираат дефектите во производните енергетски капацитети, дали ќе има доволно електрична енергија и колку ќе поскапи цената на електричната енергија, во меѓувреме Владата ги избра проектите на кои им е доделен статус на стратешки инвестициски проекти согласно новиот Закон за стратешки инвестиции. Согласно член 9 од законот Владата формира специјална комисија за избор на стратешки проекти. Оваа комисија се состои од Премиерот на владата, неговиот заменик, генералниот секретар на Владата и уште седум министри.

Со други зборови Владата формира комисија која се состои од Владата…

Можеби и избраните проекти се сопственост на некого од Владата.

Два од избраните стратешки проекти се посебно карактеристични:

Соларен парк од 85 MW во околината на Ерџелија во Св. Николе, инвестиција 54 милиони евра.
Ветерен парк Вирови од 414 MW во општините Крива Паланка, Ранковце и Старо Нагоричане инвестиција од 500 милиони евра.

Замислете земјиштето за овие проекти се дава во владение на 99 години за Ветерниот парк, односно 35 години за соларната електрана.

Владата предвидува еден куп олеснувања и привилегии за избраните инвеститори, а половина од вработените во министерствата и огромен број институции ќе треба да работат деноноќно за спроведување на интересите на приватните инвеститори, наместо тоа да го прават за изградба на државни стратешки енергетски објекти.

Предвидено е Владата и сите институции да се стават на располагање за да им помогнат на инвеститорите околу гаранција на финансирањето, легализација и пренамена на земјиштето, вадењето на лиценци и дозволи итн.

Покрај сите привилегии што Владата ги предвидела за овие инвеститори потребно е МЕПСО да им ги изгради приклучоците и трафостаниците, а ЕЛЕМ да го балансира нивното производство.
Грижата на МЕПСО е минлива, еднократно ќе ги прежали парите и ќе ги изгради приклучоците и трафостаниците.

Но, грижите и проблемите за ЕЛЕМ се трајни, бидејќи компанијата со договор помеѓу Владата и стратешките инвеститори за навек е обврзана да го балансира производството на електрична енергија од стратешките инвеститори.

Ова значи дека ЕЛЕМ ќе влезе во еден вид модерно ропство и ќе мора да ги вклучува хидроелектраните според потребите на инвеститорите и нивните соларни и ветерни паркови.

ЕЛЕМ ќе нема шанса да ја продава енергијата на слободен пазар, ќе има зголемени дефекти поради постојано вклучување и исклучување на турбините, зголемени трошоци за годишни ремонти, одржување и поправки. Покрај сето ова, ЕЛЕМ ќе има и постојан ангажман на значителен број на вработени кои ќе треба да водат евиденција и пресметки за отстапувањата од најавеното производство на новите приватни енергетски капацитети.
За сето ова компанијата ќе нема никаков надомест, ќе трпи дополнителни загуби и дополнително ќе тоне во долгови.

Од ова може да заклучиме дека новите јавни приватни партнерства во кои се заплеткува ЕЛЕМ како и новите избрани стратешки проекти чии производства ќе треба да ги балансира ЕЛЕМ, дефинитивно ќе ја запечатат судбината на компанијата ЕЛЕМ, која неминовно ќе биде одведена во пропаст.

Додека сето ова се спроведува граѓаните на Р. Македонија ќе изгубат две работи:
-засекогаш ќе го изгубат ЕЛЕМ и нивната сопственост над производните капацитети за електрична енергија,
-засекогаш ќе ја изгубат можноста да располагаат со ефтина електрична енергија.
„Шампионски“ смислено, нели?

Комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ