Неколку големи земји што користат јаглен на Конференцијата на ОН за климатски промени во Глазгов најавија дека постепено ќе престанат да ја користат оваа форма на фосилно гориво, што е тежок загадувач.

Британската Влада соопшти дека „на повидок е крајот на употребата на јаглен“, бидејќи 18 земји за прв пат се обврзаа постепено да го укинуваат тој облик на фосилно гориво и да не градат или финансираат изградба на нови електрани на јаглен.

Меѓу тие 18 земји се Полска, Украина, Виетнам и Чиле.

Јагленот има највалкан јаглероден отисок од водечките горива и е значаен извор на гасови кои придонесуваат за глобалното затоплување.

Критичарите, сепак, предупредуваат дека нема причина за голем оптимизам, бидејќи неколку големи светски економии сè уште не одредиле датум за ставање крај на употребата на јаглен, вклучувајќи ги САД, Кина, Индија и Јапонија.

Ветувањата од другите земји се различни. Некои ветија дека во одреден момент целосно ќе престанат да користат јаглен, други велат дека ќе престанат да градат нови електрани на јаглен, а трети зборуваат за стопирање на финансирањето на нови електрани на јаглен во странство.