Светската здравствена организација (СЗО) денеска ги повика производителите на вакцини да дадат приоритет на испораките на вакцини против Ковид-19 на механизмот Ковакс за посиромашните земји и наведе дека вакцините повеќе не треба да одат во земји каде што има 40 отсто покриеност.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус изјави дека третата доза треба да се дава само на луѓе кои имаат слаб имунолошки систем.

„Продолжуваме да ги повикуваме производителите на вакцини кои веќе ја имаат листата на СЗО за итна употреба да му дадат приоритет на Ковакс, а не на профитот на акционерите“, рече Тедрос.

Според него, „вчерашното одобрување на СЗО за итна употреба на вакцината „Коваксин“ од индиската фармацевтска компанија „Барат Биотек“ придонесува за еднаквост на вакцините“.