Власта на Заев со своето неодговорно и неспособно владеење успеа да го покачи јавниот долг за една милијарда евра во рок од само три месеци, односно од 5,5 милијарди евра на крајот на првиот квартал на неверојатни 6,5 милијарди евра заклучно со вториот квартал во 2020 година.

Ова го истакна на денешната прес-конференција Владимир Нелоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. Текстот од прес-конференцијата го пренесуваме во целост:

Така јавниот долг достигна од приближно 50% до 59,5% од БДП. Ова е најголем скок на јавниот долг во само еден квартал во историјата на Македонија.

Како да не е тоа доволно, па денеска најавуваат ново задолжување од 38 милиони евра.

Патем оваа милијарда евра никој не знае за што се потроши друго освен за евтин популизам кој скапо ќе се плаќа. Имено реализацијата на капиталните инвестиции во првата половина на годината изнесува само 22,51%, односно нема реализирано ниту четвртина од планираното. Тоа значи дека немало изградба ниту на училишта, ниту на градинки, ниту на патишта, а сепак државата позајмила 1 милијарда евра. Дополнително состојбата и во стопанството е исклучително лоша. Имаме пад на индустриското производство од 30% во мај и 15% во јуни, а исто така има и 4,4% помалку вработени во индустрискиот сектор. Некаде околу 30 илјади граѓани немаа земено априлска плата, а илјадници останаа без работа. Оттука се поставува прашањето пак, каде завршија овие една милијарда евра нов долг.

Да биде уште полошо и покрај ваквиот галопирачки раст на задолжувањето за само три месеци експертите прогнозираат дека од есен се очекува државата да нема доволно пари да ги сервисира основните обврски и ќе треба повторно да се задолжува. Затоа владата на Заев посегна по поскапување на струјата од 7,5% во време кога сите земји цената на енергенсите или ги задржа или ги намали. Оваа власт сака својот гол популизам со ваучери од сто евра и погрешните и задоцнети мерки сега да го наплати со повисоки давачки на граѓаните.

Заради нивните погрешни политики граѓаните се задолжени со нови 2.000 евра по семејство, а истовремено ќе плаќаат и поскапа струја годишно. Најлошото е што власта нема план и состојбите може уште повеќе да се влошуваат.

Токму затоа потребни се цврсти и стабилни чекори за поддршка на стопанството и граѓаните, зашто само така државата и економијата ќе може да излезат од овој ќорсокак и да се придвижат напред.

Потребна е итна стратегија за обнова на државата.

 

Владимир Нелоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ