Нека не поставуваат прашања од СДС, туку нека ги изнесат информациите во потврдна форма за да поднесам соодветна тужбена постапка за клевета пред надлежните органи, објави Владимир Нелоски, кој денеска беше прозван на прес конференција на СДСМ за наводна „нова бомба, нов скандал, пирамидална мрежа на тендери и фирми која води директно до кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски и неговиот шеф, Владимир Нелоски“.

„Ја гледам онаа тирада на нечесни и валкани прес конференции на СДС партијата која е петта во градот Скопје и трета во државата. Тие изобилуваат со невистини, креирани информации и полуинформации. Тие треба да го свртат вниманието од комплетното растројство и дезориентираност во просторот на раководството на СДС и Венко Филипче и тој пусти страв од одговорност која знаат дека ја имаат. Мојот татко е дел од споменатата приватна фирма, која не учествува на државни тендери, ниту има добиено тендери. И на никаков начин не може да носи одлуки за државните пари.

Како и секој човек, па и мојот татко кој цел живот работи чесно во приватниот сектор, има право да работи, а впрочем истиот со трговија започнал да се занимава уште пред осамостојувањето на Македонија.

Колегите од СДС треба да знаат дека со невистини, лаги и манипулации не се добива довербата, така се губи и целосно паѓа сликата за партијата која денес е потопена со криминал и корупција, со лични интереси и фракции.

И бидејќи сум чесен и искрен, а сметам дека тоа треба да е клучен принцип во политиката, нека не поставуваат прашања од СДС, туку нека ги изнесат информациите во потврдна форма за поднесам соодветна тужбена постапка за клевета пред надлежните органи“, напиша Нелоски на Фејсбук.

Претходно, на прес конфренција генералниот секретар на СДСМ Александар Саша Димитријевиќ, објави дека таткото на Владимир, Јовица Нелоски станал содружник во трговската фирма со облека „ТРГО СТРОЈ“ ДОО Скопје, чија сопственичка и управителка е Оливера Доновска, сопруга на сопственикот на „Пирамид Билдинг Солушнс“, Петар Доновски, фирма за која рече дека добила 51 тендер од општини под контрола на ВМРО.

Според Димитријевиќ, тоа е уште еден доказ дека тендерските шеми и фамилијарните фирми, освен што се партиски и фамилијарно поврзани, водат директно и до кабинетот на Мицкоски.