Полициски службеници од Полициската станица Штип денеска го привеле З.Т.(35) од Штип, бидејќи кај него била пронајдена прашкаста материја. По целосно документирање на случајот против З.Т. ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 31.12.2021 околу 00.10 часот во угостителски објект во атарот на гостиварско Неготино, во кој била спроведена акциска контрола, полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар ја привеле А.Т.(24) од Република Албанија, поради постоење сомнение за злоупотреба на туристичкиот престој, односно престојување спротивно на целта. Таа е задржана во Полициската станица Гостивар за натамошна постапка.

На 30.12.2021, СВР Штип спроведе акциска контрола во областа на сообраќајот, при што се изречени 17 мерки, меѓу кои 6 за управување возила со брзина поголема од дозволената, 3 за управување возило под дејство на алкохол, 5 за управување возило без возачка дозвола, 1 за нерегистрирано возило, 1 за некористење сигурносен појас и 1 за непрописно паркирање.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против З.П.(41) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Пријавениот, во својство на овластено лице – директор на Агенција за храна и ветеринарство, во 2016 година ја злоупотребил службената положба и овластувања така што постапил спротивно на Законот за јавни набавки со што го оштетил Буџетот на Република … Македонија во вкупен износ од 4.386.033 денари. Притоа овозможил противправна имотна корист во износ од 7.534.497 денари на фирма од Радовиш и противправна имотна корист во износ од 1.517.033 денари во корист на фирма од Скопје.

На 31.12.2021 во 01.30 часот во СВР Скопје, Г.И.(38) од Скопје пријавил дека на 30.12.2021 околу 22.10 часот на ул.„Св.Кирил и Методиј“ бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 31.12.2021 во 21.25 часот во СВР Скопје, малолетник од Скопје пријавил дека на паркинг на бул.„Гоце Делчев“ неговиот малолетен другар бил физички нападнат од повеќе лица, кои му одзеле пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 30.12.2021 во 20.00 часот во СВР Скопје, Ј.К.(64) од Скопје пријавил дека на ул.„Веле Марков“ бил каснат од куче скитник.

На 30.12.2021 во 23.45 часот во СВР Скопје било пријавено дека во и пред угостителски објект на подрачјето на Центар, по претходно недоразбирање, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу А.Т.(21), А.Ќ.(21), А.Х.(20) и Е.Х.(19), од едната страна и К.Н.(29), Г.Б.(54), Д.П.(41) и В.Н.(23), од друга страна, сите од Скопје. Сочинети се записници за констатиран прекршок од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.

На 30.12.2021 во 16.50 часот во СВР Скопје, К.М.(28) од Скопје пријавил дека околу 16.10 часот кај парк „Жена борец“ на подрачјето на Центар бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 31.12.2021 во 05.00 часот во СВР Скопје, Ќ.Н.(57) од Скопје пријавил дека околу 02.10 часот во трговски центар на подрачјето на Чаир бил физички нападнат од неколку лица кои му одзеле пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 30.12.2021 во 09.30 часот во СВР Скопје, П.П.(32) од Скопје пријавил дека околу 07.00 часот во магацин од фирма на подрачјето на Гази Баба бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу него и негов колега П.П.(30) од Скопје. Сочинети се записници за констатиран прекршок од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.

На 30.12.2021 во СВР Скопје било пријавено дека во 17.05 часот на автопатот Тетово-Скопје, во близина на с.Ласкарци, скопско, четири лица со закана одзеле пари и мобилен телефон од Ј.И.(61) и Ј.Д.(49), кои управувале товарно возило „мерцедес спринтер“, со скопски регистарски ознаки, сопственост на фирма од с.Крушопек, скопско. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.