Министерството за здравство информираше дека денеска Комисијата за заразни болести одржала состанок на кој е разгледана можноста за олеснување на досегашните мерки за превенција и заштита од ширење на коронавирусот.
Како што е наведено во соопштението, донесена била одлука да биде испратена препорака до Владата сите досега донесени мерки да останат на сила.
„Трендот на нови случаи со ковид-19 во следните два дена ќе биде разгледуван на состанокот на Комисијата за заразни болести во понеделник, по што ќе бидат дадени нови препораки до Владата за понатамошно постапување во однос на мерките. Апелираме до граѓаните доследно да се придржуваат до мерките, да ја почитуваат забраната за групи поголеми од две лица, да се држи дистанца од најмалку 2 метра и задолжително да се носи заштитна опрема за лице во случај кога просторот помеѓу граѓаните е помал од пропишаното“, наведено е во соопштението на Министерството за здравство.