Нема информации дека Обвинителството презело било какво дејствие по говорот на Бранко Тричковски, во кој, како што утрово истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ, тој посакува смрт на Христијан Мицкоски. Прашање е дали ова е само говор на омраза, за кој ако се сеќавате, истото Обвинителство го гонеше Тони Михајловски во случајот со истиот Тричковски, или може и да поттикне некоја друга личност, кон неразумни дејствија, што мора да се превенира.
Со оглед на тоа што од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека зад таквиот говор стои и самиот СДСМ, работа за Обвинителството на Јовески секако има, но молкот оттаму продоложува.
ВМРО-ДПМНЕ денеска истакна дека таквиот најнов говор на омраза е само пресликување на свеста и очајот во кој се наоѓа СДСМ и владејачката гарнитура. Говорот на омраза на Тричковски директно е стимулиран, помаган и инструиран од СДСМ и Зоран Заев кој ниту еднаш не се огради од континуираниот говор на омраза на провладиниот колумнист Тричковски. Неговото сеење на омраза е приказ на состојбата на СДСМ која го губи тлото и дезориентирано се однесува во време на најголемата здравствена и економска криза, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата оценија дека наместо да спасува животи и да ја помага економијата, власта сее говор на омраза.
-Бараме институциите на систем да го санкционираат таквиот говор на омраза кој само е продолжение на антисемитизмот инспириран од членови на СДСМ. Бараме во овие тешки моменти за државата наместо со говор на омраза владата и СДСМ да се занимаваат со спасување на животи и спасување на уништената македонска економија. Тоа е поважно од сеење на говор на омраза, порачаа од партијата.
Во текот на денот и портпаролот на партијата Стоилковски побара реакција, овој пат од МВР, со поднесување кривична пријава.
Според Стоилковски, грозоморностите искажани од луѓе платени и ангажирани од провладини медиуми (класификација на Зоран Заев) мора да сносат одговорност за јавно искажана омраза, нејзино јавно ширење и повик за убиство веднаш.