Утрово во 9.30 часот, повторно, на адресите на неколку училишта во Скопје стигнала дојава за бомба.

Известена е полиција, која излегува на терен и ги проверува просториите, откако учениците и персоналот се евакуирани.

Вчера МОН препорача, учениците, по евакуацијата да продолжат со училишниот ден со онлајн настава. Но, како што сведочат учениците, во повеќето училишта тоа нема да се случи денеска.

Колку точно дојави стигнале, МВР најавува информација за подоцна.

Деновиве, училиштата добиле нови адреси, но како што рече премиерот Димитар Ковачевски, вчера, одговарајќи на пратеничко прашање, истрагата за дојавите за бомби е во тек и не може да сподели детали, но дава интересни првични податоци.

– Како новите адреси веднаш биле доставени до тие коишто ги праќаат овие лажни дојави за бомби?, рече премиерот Димитар Ковачевски во Собранието, во врска со новите дојави за бомби иако биле променети електронските адреси на училиштата.

Според него, тоа е работа што ќе треба да се докаже, меѓутоа останува фактот дека МВР ги спроведува сите постапки коишто се спроведуваат во вакви ситуации.

Одговарајќи на пратеничко прашање за хибридните напади, Ковачевски на денешната собраниска седница, рече дека нападите и дојавите за бомби се апсолутно поврзани со војната што се води во Украина, и практично претставува нов начин на војување, што досега не виден на европскиот континент.

Соработката со НАТО, апсолутно е на дневно ниво со земјите партнери. Веројатно во многу блиска иднина ќе има посета и на ниво на помошник генерален секретар, токму во оваа област. Нашите тимови работат, не само со централата на НАТО во Брисел, туку и со партнерските служби во САД и во други држави, изјави Ковачевски.

Ковачевски рече дека целта е да е направи блокада на клучните витални системи на државите, потоа да се нападнат системи или објекти кои опслужуваат голем дел на граѓани, со цел да се креира паника и немир кај граѓаните и трето, преку дезинформациите да се креира негативен амбиент во самото општество.

МВР постапува врз основа на процедури, закони и постапки, коишто се пропишани за справување со терористички напади, преку спроведување на антитерористички процедури со нивните антитерористички тимови. И, нормално се спроведува истрага, изјави Ковачевски.

Премиерот Ковачевски уште еднаш упати апел граѓаните да бидат мирни, посочувајќи дека МВР и сите безбедносни служби ги извршуваат своите функции согласно закон и капацитетите кои што ги имаат.