Премиерот Димитар Ковачевски во ажурираниот анкетен лист во Државната комисија за спречување на корупција и судир на интереси за прв пат додава дека од оваа година, покрај сите претходни заштеди, поседува орочен денарски депозит – од милион денари во Стопанска банка.
Како што објави економскиот портал Фактор, во 2022 наведено е дека и неговата сопруга има орочен денарски депозит од 1.042.730 во НЛБ банка.
За банкарите кои ги контактиравме, пишува Фактор, ова е позитивен сигнал кој укажува дека премиерот верува во стабилноста на курсот на денарот и на финансискиот систем во земјата. Орочениот во однос на обичниот депозит значи дека барем една година не може да се повлечат парите од банката, а доколку се раскине договорот, во тој случај се губи каматата.
– Премиерот тоа не би го направил ако не верува во стабилен финансиски систем, дека денарот е стабилен и дека можеби ќе нема галопирачка инфлација. Тоа е така затоа што имаме, условно кажано, големи резерви на злато и големо портфолио на Народна банка. Штедењето во денари носи двојно поголема камата, додека ако се штеди во евра постои валутен ризик. тенденцијата е граѓаните во денешната криза да останат смирени и да не ги повлекуваат заштедите, затоа што тоа носи ликвиден проблем, вели банкарот кој го контактиравме.
Премиерот Ковачевски, во повеќе негови изјави, ги потсетува граѓаните дека не чека најтешката зима во последниве децении. Неговото мислење, според изјавите кои ги даваат, ги делат и други министри од неговата Влада.
А министерот за финансии Фатмир Бесими од 1 јануари 2023 најавува данок на камати на депозити. Ова законско решение било донесено уште во 1996, но неколку пати било одложувано. Тој пред една недела рече дека предлогот е да се оданочуваат само орочените депозити на 12 месеци и дека не очекува да дојде до одлевање на депозитите од банките.