Македонија ќе добие 100.800 вакцини на „Астра зенека“ од КОВАКС механизмот преку првата распределба, информираат од Светската здравствена организација за ТВ 24.
Според листата што ја испрати СЗО до ТВ 24 од земјите во регионот, најмногу вакцини преку КОВКАС механизмот ќе добие Србија – 295,200 дози, Албанија ќе добие 120.000 вакцини, а Косово ќе добие иста количина како и Македонија.
Босна и Херцеговина пак ќе добие вкупно 131.400 вакцини, од кои дел ќе добие од компаијата „Астра зенека“, а дел од компанијата „Фајзер“.
„На Северна Македонија и се доделени 100.800 дози. Првата фаза на распределбата им беше соопштена на релевантните влади кои тесно соработуваат со партнерите во КОВАКС и производителите на вакцини за специфичните датуми за испорака. Временските рамки за овие испораки, ќе бидат објавени во наредните денови.“ – велат од СЗО.
Од министерството за здравство велат дека ги очекуваат овие вакцини во текот на следните недели, но без да прецизираат точен датум и количина на пристигнување. Тврдат дека Владата ги завршила сите процедури и наплати навреме.
Според информациите на здравствените власти Македонија има нарачано вкупно 833 000 вакцини преку овој механизам, кои ќе пристигнуваат во неколку фази.