Немири избувнаа во различни делови на Северна Ирска трета ноќ по ред при што демонстрантите фрлаа молотови коктели врз полицијата во Балимена, ецнтарот на немирите, а спортски центар беше запален во градот Ларне.

Стотици маскирани демонстранти ја нападнаа полицијата и запалија куќи и автомобили во северноирскиот град Балимена во вторникот, за време на немирите што полицијата ги осуди како „расистичко насилство“.
Полицијата ги блокира патиштата во Балимена од синоќа. Маскирани млади луѓе фрлаа камења, пиротехнички средства и молотови коктели врз полицијата која распореди водни топови против нив втора ноќ по ред.

Полицијата беше активирана и во градот Ларне, каде што маскирани млади луѓе ги искршија прозорците на спортскиот центар пред да предизвикаат пожар, јави Би-Би-Си.

„Нема апсолутно никакво оправдување за она што се случи во Ларне и мора да се осуди“, изјави за радиото Cool FM, Гордон Лионс, министерот на Северна Ирска одговорен, меѓу другото, за социјална политика од Демократската унионистичка партија.
Полицијата соопшти дека младите предизвикале пожари во градот Њутаунаби, жариште на секташко насилство кое периодично избувнува во регионот под британска власт 27 години откако мировниот договор стави крај на речиси три децении крвопролевање.
Насилството првично избувна откако двајца 14-годишници беа уапсени и се појавија на суд во понеделникот обвинети за обид за силување на тинејџерка во Балимена. Обвиненијата им беа прочитани на романски јазик од преведувач, а нивниот адвокат рече дека тие ги негираат, јави Би-Би-Си.

Полицијата истражува штета на имоти во Балимена, дом на релативно голем број имигранти, како расно мотивирано злосторство од омраза. Две филипински семејства изјавија дека ги напуштиле своите домови во градот доцна во вторникот бидејќи се плашеле за својата безбедност откако нивниот автомобил бил запален пред нивниот дом. Британската и ирската влада го осудија насилството, како и локалните политичари.

фото: Архива