Синдикатот за комунални дејности при ССМ се закани со штрајк ако не биде разрешен директорот на претпријатието Марјанче Митовски бидејќи, како што тврдат оттаму, несоодветно прераспределувал вработени и им давал задолженија што ги нема во договорите за работа.

Случаите се пријавени до Управниот и Трудовиот инспекторат кои констатирале противзаконско делување. Првиот човек на ССМ вели дека се сретнале со Митовски но тој одлучил да ги игнорира нивните забелешки. На градоначалничката Арсовска ѝ дадоа рок до среда да назначи нов директор.

„Не може хидроинжинери да праќаме по чуварски куќички и препумпени станици. Не може возачи на специјални возила да ни седат во базата да не работат ништо. Известувањето и решенијата кои ги добивме на 8 страни јасно кажуваат дека директорот работи противзаконски. Градоначалничке, Совет на Град Скопје, немојте да дозволите како вчера што немавте градски превоз така да се доведете во ситуација да немате ни вода за пиење.“вели Дарко Димовски, претседател на ССМ.

Димовски, меѓудругото, кажа и дека вработените вчера добиле заканувачки смс пораки.

„Оваа информација ви ја доставуваме со цел раководството да не биде принудено да ја преземе најнепопуларната мерка – донесување на нова систематизација со рационализација на работните места. Па нека повели Марјанче Митовски нека рационализира со неговите два шефа на кабинет. Кој има два шефа на кабинет?“ истакна Дарко Димовски, претседател на ССМ.

Директорот на Водовод најавил дека ќе реагира писмено на изнесените ставови, но засега тоа не го сторил.

Митовски на функцијата дојде на средината од септември. Претходно на негово место беше Златко Перински кого Арсовска го разреши поради сомневање за влијание во милионскиот тендер за изградба на пречистителна станица.