Непознати лица утрово, без безбедносна проверка, упаднаа на пистата на Меѓународниот аеродром во Сараево, упатувајќи се кон авион на авиокомпанијата „Аустриан“ што се подготвувал за полетување.
На упадот веднаш реагирале припадници на Граничната полиција на Босна и Херцеговина, кои ги уапсиле натрапниците.
Во време на инцидентот, патниците веќе биле качени во авионот на „Аустриан“ за лет од Сараево до Виена, но потоа тие биле вратени во аеродромската зграда, а леталото било испратено на детална проверка.
Портпаролката на аеродромот, Сања Багариќ во изјава ФЕНА само кусо одговори дека во тек е истрага за случајот.
– Се што можам да кажам сега е дека истрагата е во тек. На терен е излезен обвинител од надлежното државно обвинителство во соработка со Граничната полиција на БиХ и сите останати надлежни аеродромски служби. Повеќе информации ќе бидат познати во текот на денот, истакна Багариќ.