Дваесет и четири годишен велосипедист е тешко повреден од удар од автомобил, а со тешки телесни повреди се здобила и осумдесет годишна старица откако во неа удрила запрежна кола.
Несреќите се случиле во две одделни сообраќајки вчера во Скопје, информира во редовниот Билтен Министерството за внатрешни работи.
Како што соопшти денеска МВР, на полноќ било пријавено дека во комплексот клиники „Мајка Тереза“ со повреди здобиени од сообраќајна незгода бил донесен Б.П.(24) од Скопје. Б.П. синоќа, околу 22:15 часот, додека со велосипед се движел во населбата Илинден бил удрен од непознато патничко моторно возило, управуван од засега непознат возач, кој по незгодата го напуштил местото на настанот.
Според МВР, вчера во 11:15 часот било пријавено дека во комплексот клиники „Мајка Тереза“ со повреди здобиени од сообраќајна незгода била донесена А.Ц.(80) од Скопје. Истиот ден, околу 10:45 часот на крстосницата од улиците „Кемал Сејфула“, „Вуковарска“ и „Емин Дураку“, жената била удрена од запрежна кола, управувана од засега непознато лице, кое по незгодата го напуштило местото на настанот.
На повредените им биле констатирани тешки телесни повреди. Извршен бил увид на местото на настаните од увидна екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случаите.